Достапни линкови

Политичка агресивност кон меѓународната заедница


Политичката агресивност на ВМРО-ДПМНЕ кон американската амбасада и кон ЕУ е невообичаена и ќе има последици, велат поранешни дипломати.

Невообичаен начин на комуникација и политичка агресивност кон странците кои се заинтересирани за решавање на политичката криза. Вака стручната јавност го оценува однесувањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ која вчера побара јавни одговори од американската амбасада и од Европската унија, за нивните неодамнешни изјави поврзани со потребата за формирање нова Влада.

„Оваа постапка, според мене, е неприфатлива за однесувањето кон нашите партнери од странство. Да се бара објаснување за нешто што е сосема логично, а тоа е побрзо да се средат работите во Македонија. Во конкретниот случај, се работи на оддолговлекување на постапката и замајување на нашата јавност дека ете некој друг ни е крив, а не самите ние“, изјави поранешниот дипломат Благој Зашов.

Анимозитетот на ВМРО-ДПМНЕ кон меѓународната заедница постои веќе подолго време, посочува професорот и поранешен дипломат Нано Ружин. Секој обид да ги критикувате странците кои се обидуваат да ни помогнат и да ја внесат земјава во евроатланските структури е израз на дипломатско насилство и политичка агресивност, вели Ружин.

„Разбирливо е дека една политичка партија која го губи тлото станува агресивна. Таа сака да го легитимира ова дипломатско насилство и од своја страна настојува да се наметне како сериозен фактор на стабилноста, како единствен авторитет во државата“, вели Ружин.

Според него, кога вредностите на едно општество се толкуваат според сопствените субјективни гледишта, не е изненадување тоа што одвреме навреме ВМРО-ДПМНЕ низ еден популистички начин настојува да ја напаѓа, исмејува или и се заканува на меѓународната заедница, нејзините дипломати или нејзината општа политика.

„Веројатно аналитичарите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат е добро да се покаже еден критицизам кон ЕУ, да се понижи како неодговорна, но исто така и кон американската амбасада, сметајќи дека амбасадорот Бејли не работи според позициите кои ги наметнува новата американска администрација“, вели Ружин.

Последиците од ваквиот однос ќе следат дополнително, предупредува Зашов.

„На таков начин не се создаваат пријатели, напротив се губат. Се губат пријателите кои долго време сме ги создавале, а меѓу нив имаме и партнери. Сега да барате такво нешто е потенцирам невообичаено во дипломатската пракса и дипломатскиот свет“, заклучува Зашов.

ВМРО-ДПМНЕ вчера побара појаснување од Амбасадата на САД која неодамна ги повика партиите да ги продолжат разговорите за формирање на нова Влада и праша дали позицијата на САД значи дека сугерираат и бараат од Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД.

Во соопштение до Европската унија, пак, бараат одговор од портпаролката Маја Коцијанчиќ , која треба да објасни на основа на кој дел од Уставот на Република Македонија, ЕУ очекува претседателот Иванов да определи лидер за формирање на „што е можно поширока Влада“, како што неодамна изјави Коцијанчиќ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG