Достапни линкови

Неделници - Непријателот се бара меѓу Сорос и СЈО


Архивска фотографија - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обраќа на собраните граѓани пред ДИК
Архивска фотографија - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обраќа на собраните граѓани пред ДИК

Одолговлекувањето на Груевски со доделениот мандат да состави влада, „десороизацијата“ и „амнестирањето“ на Заев од страна на СЈО, како што упорно пропагираат медиумите блиски на ВМРО-ДПМНЕ, се основните теми со кои се „борат“ домашните неделници.

Фокус - Патетични пресметки со непријателите

„Не мора Трамп да го прогласува Сорос за државен непријател бр. 1 на Америка“, пишува Фокус, „пастирот е тука да му се најде и да го прогласи за главен душман на Македонија, а Трамп белки ќе стори напор да му го испорача. Леле, леле, што раја ’ќосиња‘ ќе се собере на Александар Велики кога со анџари ќе го пречекаат ’еврејскиот нацист‘ за да му ја пијат крвта“, иронизира неделникот. Уводничарот во Фокус потоа наведува дека Груевски сам се открил дека има една неизлечива рана – како да го скрие и замачка своето криминално владеење... особено ако ДУИ не сака со него да прави влада. Затоа и сите најави на, како што го нарекува, „очајното вожде“, за пресметка со државните непријатели и „сороспиите“, со странските амбасадори и белосветските замешателства се патетични и карикатурални. Како кинисал, има опасност Груевски да заврши како објект за потсмев, завршува Фокус.

Република - Амнестијата на Заев може да предизвика насилни протести

„Амнестијата на Заев може да предизвика насилни протести“, заплашува Република на насловната страница и во уводникот во кој се редат обвинувања против Катица Јанева дека „уште од првиот ден на вршењето на функцијата се однесува како чадор на обвинетите, или попрецизно како механизам на чадорот, што подразбира нивна заштита и спречување на институциите да ја спроведат правдата“. Уводничарот потоа наведува дека СЈО се однесувало пристрасно кон истрагите и дека помилувањето на Заев било кривично дело кое можело лесно да ги извади граѓаните на улица со што, како што вели, „место крај, СЈО со буџет од четири милиони евра народни пари за една година“ успеало да ни испорача само почеток на нова фаза во политичката криза за која бил виновен никој друг, туку лично Зоран Заев, според Република.

Глобус - ново мешање на картите на Балканот

Глобус потсетува дека Хојт Ји од Стејт департментот ги „опомена нашите партии што побргу да формираат Влада и да се почитува Уставот“. Според авторот на анализата, она што нам ни ја компликува ситуацијата секако е и вмешувањето на Приштина и Тирана, делумно и на Белград, Атина и Софија, со нивните стереотипи од пред 200 години, кои мислат дека доаѓањето на Трамп и потенцијалниот изолационизам е прилика за „ново мешање на картите на Балканот“. Груевски и официјално го отфрли странскиот фактор со својот говор „на сандакот“ пред влезот на зградата каде што заседаваше ДИК, и го погреба Пржинскиот договор, а Платформата на албанските партии ја исполни својата цел, да предизвика дистракција и целосно вклопувајќи се во долгогодишната стратегија на двоецот Груевски – Ахмети:

„Секогаш кога нешто ќе загусти во државата успеваат да креираат некое сценарио со кое ги подгреваат националистичките страсти и го пренасочуваат вниманието кон несуштински теми“, анализира Глобус, за да заврши дека во моментот имаме комплетно измешување на приоритетите што може да биде кобно.

Место да мислиме на Прибе и правната држава, на оние стотина сограѓани кои без причина гнијат по затворите, ние, на пример, ќе треба да се „глодаме“ околу употребата на јазиците, поентира Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG