Достапни линкови

Партиските решенија не ги оправаат медиумите


Македонски медиуми, микрофони поставени на прес конференција

Обидот да се саморегулира медиумската содржина преку партиски пазарења и компромиси никогаш нема да резултира позитивно.

Партиски решенија за подигнување на саморегулацијата и регулацијата во медиумите никогаш не може да резултираат со поголеми ефекти, велат новинарите кои најмногу беа засегнати од договорот што беше постигнат околу работата на медиумите во предизборието и изборите. Ад хок телото и назначувањето на уредник во МРТВ кој реално немаше никави или имаше многу мали ингеренции, како што оценува Тамара Чаусидис од ССНМ, не донесе поголеми позитивни поместувања во медиумското известување.

„Јас имам впечаток дека ефектот, и доколку го има, е повеќе симболичен и минимален. Може да се детектира некаков обид да се заузадаат оние пропагандистички харанги кои се карактеристични во предизборието, но со минимален ефект. Во таа смисла и во иднина обидот да се саморегулира медиумската содржина преку партиски пазарења и компромиси е апсолутно неприфатливо и никогаш нема да резултира со позитивно поместување во таа сфера“, изјави Чаусидис.

Мирче Адамчевски од Советот за етика исто така потенцира дека договорот што беше постигнат околу работата на медиумите донел ад хок решенија со кои ништо не се постигнува. Според него, потребна е целосна реформа во медиумскиот простор во Македонија

„Видовме колку казни изрече тоа тело и како известуваат медиумите тогаш, а како сега. Според тоа такви решенија нам воопшто не ни се потребни во моментот, ниту ни се потребни во иднина, туку е потребна целосна реформа во медиумскиот простор во Македонија. Тоа значи отворање на законот за аудиовизуелни медиуми, расправи по него, дополнување и измени кај што треба и други работи треба да се променат“, изјави Адамчевски.

Во анализата за ефектите од договорот што беше постигнат околу работата на медиумите во предизборието и изборите, Адемчевски забележува дека не се водело сметка за квалитетот на известувањето, туку оти се мерела само балансираноста.

„Не се правеше квалитативна анализа. Тие си мереа само дали некој ќе биде застапен 3 минути или 5 минути. Не е суштината само во тоа за време на изборите да им дадеш подеднакво време на едните и на другите. Суштината е квалитет на тоа известување, какви се 5 минути на едните и какви се 5 минути на другите. Може во моите 5 минути што било да се каже, а другите 5 минути да се атакува врз мене. Квалитетниот дел воопшто не беше застапен во анализите“, вели тој.

Регулацијата на медиумите беше дел од обврските од договорот од Пржино. Во јавноста често пати имаше многу критики дека наместо објективно избалансирано и вистинито информирање на граѓаните, дел од медиумите водат медиумска пропаганда во интерес на партиите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG