Достапни линкови

Клиентелизам во медиумите - вести се нарачуваат за пари или услуги


Илустрација.
Илустрација.

Македонија е на четвртото место според индексот на клиентелизам во медиумите, споредбено со шест земји од регионот. Состојбите се најдобри во Хрватска, а на дното е Романија.

Медиумите во Македонија практикуваат клиентелизам, а општеството и неговите граѓани не се во состојба да ги сфатат тие клиентелистички практики и воопшто не можат да ги препознаат.

Вакви заклучоци денеска презентираше Асоцијацијата за истражување комуникации и развој „Паблик“, која втора година го мереше индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија, Хрватска, Србија, БиХ, Црна Гора и Романија.

Индексот, во однос на минатата година, покажал значителен пад на вредноста во сите шест земји. Македонија е рангирана на четвртото место според клиентелистичките практики, регионот го предводи Хрватска, додека на дното е Романија.

„Клиентелизмот, народски кажано, значи услуга и против услуга којашто се дава во одредени сфери на општеството. Во нашиот случај со клиентелизмот во медиумите значи дека медиумите си даваат услуги и противуслуги со политичките и со економските актери, односно со оние центри на моќ коишто имаат некаква поврзаност со медиумите“, вели Маја Раванска од „Паблик.“

Асоцијацијата за истражување комуникации и развој „Паблик“ го презентира истражувањето за индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија, Хрватска, Србија, БиХ, Црна Гора и Романија.
Асоцијацијата за истражување комуникации и развој „Паблик“ го презентира истражувањето за индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија, Хрватска, Србија, БиХ, Црна Гора и Романија.

Во истражувањето на органанизацијата се забележани и недостатоци во однос на транспарентноста на сопствеништвото на медиумите во шесте земји и во нивното финансирање.

Резултатите воопшто не изненадуваат, вели Мирче Адамчевски - претседател на комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите. Тој објаснува дека во нивната работа ги препознаваат неетичкото однесување и клиентелизмот во медиумите во Македонија.

„Кога ќе го разгледаме целиот контекст знаеме дека зад таа прикзна стои некоја политича сила, било власт, било опозиција. Такви примери сме имале“, вели Адамчевски.

Клиентелизмот не е присутен само во Македонија и во регионот, додава Адамчевски, посочувајќи дека тој постои и во Велика Британија или Италија, но дека состојбата е таму различна со тоа што тие во држави клиентелизмот се санкционира.

Ризиците од клиентелизмот се поврзани и со платите во медиумската индустрија. Во оваа сфера Македонија е најниско рангирана, со 300 евра просечна плата во медиумите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG