Достапни линкови

„Младински изборни муабети“ без ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ


Младински изборни муабети

Младите се иднината на земјата. Затоа мора да имаат можност директно да се соочат и да разговараат со оние кои ќе ги претставуваат. На дебатата не дојдоа младите од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Младите се најзначајниот ресурс со кој располага државата и тие мораат да бидат во центарот на програмите на политичките партии, оти политиката не е нешто што им припаѓа само на одбрана група луѓе, а граѓанска одговорност на секој од нас е директно да го постави прашањето до оној кој го претставува. Со акцент на фактот дека младите се иднината на нашата земја, овие се дел од поентите кои беа кажани на денешната дебата во рамките на настанот Младински изборни муабети, кој пак е дел од кампањата Избори се на Националниот младински совет на Македонија.

„Младите заслужуваат и мораат да бидат директно во центарот на политичките програми. Воедно заслужуваат да имаат можност директно да се соочат и разговараат со оние кои ќе ги претставуваат да знаат што содржат програмите на политичките партии и да ги покренат горливите прашања пред да одлучат за кого ќе го дадат својот глас, изјави претседателот на НМСМ“, Дамјан Николовски.

За важноста на младите и нивната вклученост во општествено-политичкиот живот зборуваше и директорот на Националниот демократски институт за меѓународни работи, Крис Хеншоу. Тој го пофали почитувањето на Кодексот за фер избори што го потпишаа лидерите на подмладоците пред две недели и го повика НМСМ да го продолжи дијалогот и по изборите а со цел да се најдат решенија за заедничките програми.

„Консензусот што ќе го изградите во оваа сала, но и онoј кој ќе го изградат претставниците на политичките партии е важно да продолжи натаму. Младите кои работат заеднички можат да направат голема разлика. Живеам доволно долго во Македонија за да кажам дека тоа е вистина и може да се случи. Продолжете да го градите овој дијалог и на тој начин јасно да истакнете колку е важно тоа за вашата иднина. Вие сте таа иднина. Со среќа“, изјави Хеншоу.

На денешната дебата не присуствуваа претставници од подмладоците на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои како што беше кажано, го најавиле своето учество, но пред почетокот на дебатата го откажале. На тема младинска невработеност, иселување на младите и младинско учество дебатираа претставажници на ДПА, СДСМ, Коалиција за промени и правда, Беса и Левица. Опишувајќи ја сегашната состојба како неподнослива за младите, сите тие ветуваа дека мерките кои ги има во изборните програми на матичните партии можат да ја подобрат улогата на младите во Македонија.

„Ние гарантираме слобода на младите и нивната перспективност. Ќе придонесеме за отварање на нови работни места каде ќе се вработува според квалитетите, а не според партиски книшки“, рече Хасан Синани од ДПА.

Стефан Богоев од СДСМ рече дека мерките кои ги предлагаат во програмата биле резултат на неколкумесечните средби и дебати со граѓаните. Тој истакна дека особено важна е младинската гаранција.

„Тоа значи државата да гарантира на младиот човек по завршување на образованието ќе му понуди или директно вработување или пракса или дообука“, изјави Богоев.

Александар Илиевски од Коалицијата за промени и правда објасни дека два проценти од буџетот ќе бидат одвоени за младински стартапи, но и дека младите ќе се стимулираат да останат тука.

„Со тие два посто од буџетот би можеле сите млади образувани да добијат практична работа на сметка на буџетот и да стекнат работно искутво“, изјави Илиевски.

Нурџан Асановска од Беса рече дека нивната програма се концентрира на модернизација на наставните средини и стипендии за дообука и специјализација на младите квалитетни кадри со што би ги задржале во земјата и би го спречиле одливот на мозоци.

Истакнувајќи ја општата несигурност на младиот човек во земјата, Андреј Јованчевски од Левица рече дека е потребна радикална политичка интервенција за да се спречат веќе споменатите проблеми невработеност, иселување и младинското учество.

„Тоа се образованието, пазарот на труд и форматите на политичко здружување и учество на младиот човек во земјата, а тука ја препознавам одговорноста на она што е пред се партиски подмладок, тие треба да станат полигони за политичка еманципација“, изјави Јованчевски.

Оваа активност на Националниот младински совет на Македонија се реализира во рамките на програмата на Националниот демократски институт за меѓународни работи во Македонија за Зајакнување на граѓанското учество во политичките процеси, финансиски поддржана од Националната фондација за демократија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG