Достапни линкови

Блокирана Битола - крик за почист воздух


Битолчани протестираат против загадувањето на воздухот.

Борците за почист воздух во Битола ги блокираат патиштата во градот за да испратат порака до политичарите дека мора нешто да се направи да се намали загадувањето. Битола е еден од најзагадените градови во Македонија, а како последица на тоа има пораст на белодробните и на канцерогените заболувања.

„Ова е крик до политичарите, ако нивните приоритети се изборите, наш приоритет е борбата за чист воздух“, ова им го порачуваат битолчани кои протестираат за чист воздух на политичките партии што деновиве одржуваат митинзи во градот под Пелистер. До сабота ќе продолжат протестите во Битола со блокадите со возила на влезот од страната на Прилеп, кружниот тек и регионалниот пат кон РЕК. Битолчани се жалат дека дишат енормно загаден воздух.

„Не е чист воздухот, заради тоа сме дојдени да протестираме. Го чувствуваме дека е загаден при дишењето, има магла, очигледно е дека е загаден.“

„Помирисајте, ужасен е воздухот. Ете и ние како повозрасни сакаме рекреација да излеземе во паркот, да прошетаме низ нашите убави битолски улици, да уживаме во воздухот што го уживаме како мали и млади. Тоа за жал, веќе го нема. А што е со децата наши? До кога и каде? За жал, погледнете околу нас колку малку не има, зарем само нас ни треба воздухот. Треба да сме поактивни сите“, велат анкетираните граѓани.

Битолчани на блокадите поставуваат и макета од бели дробови, укажувајќи на потребата од чист воздух и транспарент СОС дека градот моли за помош поради големото загадување со ПМ 10 честички. Здружението „За нас се работи“ кое го предводи протестот, бара од власта итно спроведување на две мерки.

„Итно укинување на ангажираната моќност од сметките на сите приклучоци на електрична енергија на ЕВН во општина Битола и субвенционирање на 25 до 30 проценти на потрошените киловат часови на секој потрошувач. Другиот предлог е итно воведување на режим на сообраќај за централно градско подрачје кога ќе биде најголемата гужва, кога ќе ги палат сите ќумбињата дома, кога фрчат автобуси и воздухот е најзагаден“, порача Иван Чулаковски од „За нас се работи“.

Протестите не се политички мотивирани, но не случајно се одржуваат на неколку часа пред митинзите на големите политички партии. Така, во петокот блокадите беа три часа пред митингот на ВМРО-ДПМНЕ, во сабота ќе се протестира од 15 до 17 часот в очи митингот на СДСМ.

„Се собравме не исклучиво само да протестираме, туку да им кажеме на оние за кои се затвораат нашите улици кога ќе доаѓаат во градот со црни возила и полициска придружба, дека имаат свој приоритет кој за нас е малку важен. Ние имаме еден приоритет во моментот, не затоа што ние така сакаме, туку затоа што резултатите покажуваат дека тоа е приоритет, а тоа е загадениот воздух и сè поголемиот број на смртни случаи во Битола, токму од загадениот воздух, вода и почва“, изјави Дуле Груевски од здружението „За нас се работи“.

Од здружението составија меморандум со барање да го потпишат лидерите на сите политички партии, со што ќе се обврзат дека ќе ги исполнат нивните две барања.

Протестите следуваа откако минатата недела мерните станици регистрираа енормна загаденост на воздухот во Битола со суспендирани ПМ 10 честички. Минатата недела во одредени денови Битола беше лидер по загадување во земјава. Среднодневните вредности на оваа ситна прашина беа неколкупати над дозволената граница. Иако проблемот е голем, интересот кај битолчани да го изразат својот револт на протести остана мал. Иако белодробните и канцерогените заболувања во градот се во пораст, протестите за здрава животна средина не добиваат голема масовност.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG