Достапни линкови

Никој не ги урива дивоградбите во Тетово


Семејство од Тетово три месеци по разни институции бара да се почитува решението за уривање на дивоградбата на нивниот сосед, надвисната над нивната куќа. Но иако има решение, никој не сака да ја урне дивоградбата.

Три месеци семејството Силовски од Тетово чека Oпштината да го спроведе сопственото решение за рушење на нелегално изграден објект на соседот. Тој, без да има одобрение за градба, изградил дел од објектот зад нивната куќа со што целосно ја блокирал светлината до домот на Силовски.

„На почетокот кога дојде до плочата мислевме дека оди по правен пат, согласно закон, не знаевме дека дивоградба работи. Пријавивме во Oпштина, после две недели дојдоа. За тие две недели тој си градеше. Тоа сè е на диво направено. И тоа ни е кажано од Општина. И дојдоа од Општината видоа, му издаде решение да го сруши за осум дена. Но тој не го почитуваше решението и си продолжи да си гради. И пак ние до Општината, во Општината велат - Ние сме му дале решение, ние не можеме да го вардиме кога ќе гради. После осум дена завршија и повеќе не дојдоа, човекот си дојде до кров“, вели Верица Силовска.

Бидејќи општинскиот инспекторат не го спроведувал сопственото решение за уривање, побарале прием кај градоначалничката Теута Арифи. Сепак не успеале да добијат помош од неа.

„Јас отидов со сопругот, таа не можеше да ме прими, ама од кабинетот нејзин ме примија и ни кажаа дека градоначалничката досега ниту рушела, ниту ќе руши. Да најдеме заеднички јазик со комшијата. Друг излез немам јас. Општината не функционира, пријавено е во Суд, Судот не функционира. Сум прашала и во Скопје. Тие во Скопје ми велат пак во Општина Тетово, пак не насочуваат кон градоначалничката. И ние сме принудени куќата да се продаде“, истакнува Верица Силковска.

Во неколку наврати на новинарски прашања зошто не се рушат дивоградбите низ градот, општинската администрација одговара дека во прашање е процедура со која ќе се избере фирма која ќе ги спроведе уривањата на објектите.

„Ние имаме реагирано како инспекција на сите ситуации, како што истакнавте сите имаат решенија. При крај сме со процедурите и во однос на решението за фирмата, но исто така е многу битно да повикаме на свеста и совеста на граѓаните, имајќи го предвид фактот дека има процедури со кои може да се добијат дозволи за градби“, изјави градоначалничката Теута Арифи.

Жители на Тетово ги алармираа медиумите годинава за неколку случаи за цели објекти кои се изградени без издадени одобренија за градба. Станува збор за станбени простори, но и објекти кои имаат деловна намена.

XS
SM
MD
LG