Достапни линкови

Синдикатите пасивни и пред избори


Архивска фотографија - Економско социјален совет посветен на проектот Македонија вработува на која е присутен и претседателот на ССМ, Живко Митревски, 22.06.2016

Предизборието е златна прилика за синдикатите да побараат исполнување на нивните барања од страна на партиите, но тие се или пасивни или под влијание на владејачката партија, па и сега остануваат незаинтересирани.

Аналитичарите укажуваат на пасивност и незаинтресираност на синдикатите и порачуваат дека тоа е недозволиво во период на предизиборие. Според Здравко Савески од „Левица“, синдикатите овој период треба да го искориста за правење притисок врз партиите за да може тие во програмите да вклучат и работнички барања. Тој вели дека Македонија е земја во која постојано има незадоволство од паѓањето на стандардот на работниците, а во таа ситуација синдикатот сега спие и набљудува што се случува.

„Ова им е златна прилика, а не тие ја исполнуваат. Причината зошто не ја исполнуваат, дел е поради тоа што се контролирани од владејачката партија, а втората причина е поради тоа што се премногу пасивни и не знаат добри стратегии за влијание во клучни моменти“, вели Савески.

Од Синдикатот за индустрија, енергија и рударство, велат дека сервилниот однос кон Владата на челните луѓе на ССМ довел до обесправеност на работниците кои бараат права на подобар живот и плати. Во прилог на обвинувањата дека Синдикатот многу малку ги штити правата на работниците и дека е приврзок на власта, Пеце Ристевски од Синдикатот за индустрија енергетика и рударство укажуваат дека Сојузот на Синдикати нема да ја искористи и моменталната состојба со цел да се промовираат синдикалните барања.

„Сојузот на Синдикатите во отсуство на неколку претседатели меѓу кои и јас зазел став дека до 15 декември нема да има никаква активност. Тоа според мене значи дека ќе се вклучи во пропаганда на политичките партии, а не да бара од нив како партнери да се решаваат проблемите“, вели Ристевски.

Во меѓувреме улицата се помалку стана место каде што се решаваат наталожените проблеми и место каде што најмногу се чувствува осиромашеноста на граѓаните. Ристевски вели дека првите чекори што нивниот синдикат ќе го направи сега пред избори е дека на тие што претендираат за власт ќе им достават пет резолуции кои се приоритет за синдикатот и за вработените.

„Со тоа јасно да се изјаснат што од тоа е прифатливо, па нашето членство и граѓаните нека се определат кому ќе му веруваат“, додава Ристевски.

Првата резолуција на синдикатот се однесува на зголемување на минималната плата. Тие бараат при одење технолошки вишок вработените да имаат повисоки исплати наместо 1.500 евра како досега, а исто така сметаат дека има потреби од промени во паричните гаранции за постарите работници, доколку евентуално тие се прогласат за технолоши вишок.

Савески предупредува дека Синдикатите долго време имаат преземено улога на набљудувачи на состојбите, наместо да ги стават во функција сите свои капацитети и наталожените проблеми да почнат да се решеваат. Тој забележува дека во Македонија има многу синдикати, но оти отсуствува нивна обединетост.

„Македонија има многу синдикални организации, но тоа не значи дека е подобра заштитата на човековите права, туку е обратно. Македонија има повеќе синдикати од Германија. Потребно е окрупнување на синдикатите, но со сегашната синдикална бирократија тоа е контрапродуктивно. Потребно е и напуштање на постоечките синдикални организации“, вели Савески.

Во прилог на тврдењата дека на терен паѓа стандардот на работниците и се кршат нивните права се и податоци на Заводот за статистика кои покажуваат дека во реалноста се отвораат работни места кои не се добри за работниците. Според нивните податоци 60 отсто од работниците во Македонија примаат плата што е под просечната, додека само 16 проценти од вработените имаат плата којашто е малку повисока од просечната.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG