Достапни линкови

Избирачкиот список сите го кројат


Секоја партија сака да го крои избирачкиот список како и одговара, а ДИК се покажа дека не може да одговори на задачата за го прочисти списокот. СДСМ предлага бришење на спорните, според нив, гласачи, а албанските партии велат дека никој нема да биде избришан.

Повеќе од пет месеци прочистувањето на избирачкиот список е една од главните теми меѓу партиите, а се уште не се знае дали на крај ќе се добие листа во која ќе имаат доверба сите страни и граѓаните.

Според поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник од Демократскиот сојуз Павле Трајанов, се покажало дека Државната изборна комисија не може да одговори на обврската да биде носител на прочистувањето на списокот и да ја заврши работата ефикасно.

„Клучот за веродостојноста на избирачкиот список зависи само и исклучиво од Министерството за внатрешни работи кое што целокупниот овој период го опструира процесот, затоа што насоката на ВМРО-ДПМНЕ е да не се работи на прочистувањето на списокот“, вели Трајанов, кој има забелешка и на нетраспарентните разговори меѓу четирите партии поради кои јавноста нема увид што конкретно се предлага.

Членот на ДИК од ДУИ Субхи Јакупи тврди дека како Kомисија се подготвени да ги разгледаат сите аномалии на кои посочувале од СДСМ.

„Ќе се увериме сите дека ажурирањето на избирачкиот список е вршено на законски начин а во тоа ќе се уверат сите граѓани и гласачи за да овој важен документ добие кредибилност“, вели Јакупи.

Инаку кон крајот на февруари почна вкрстената проверка за прочистувањето на списокот, а кон крајот на март почна и теренската проверка, но по завршувањето на процесот состојбата остана речиси непроменета.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев останува на тврдењето дека 71.000 граѓани воопшто ги нема во избирачкиот список десет години, а околу сто илјади не се појавуваат во ниту една база во последниве 12 месеци. Тој на прес конференција минатата недела рече и дека за околу 42.000 гласачи воопшто не постојат објекти на кои се заведени.

„Предлогот е за сите тие граѓани коишто не се најдени дома, коишто никогаш не поднеле барање за пасош или за лична карта да им се даде можност да се пријават, да се регистрират за 20 дена колку што стои јавниот увид. Ако не се пријават ги бришеме“, рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, пак, претходно ги обвини СДСМ дека манипулирале и јавно зборувале дека имало 500 илјади фантомски гласачи, а на состаноци се зборело за некои 36 илјади гласови за кои требало да се направи проверка.

„Еве, јас јавно ги повикувам членовите на ДИК, нека направат каква сака СДСМ-таква проверка на гласачите, и да не губат ни ден. Јас знам дека сите проверки се детално направени и се е чисто, ама еве да им го избиеме тоа алиби на СДСМ“, рече Груевски.

ДУИ пак тврди дека поголемиот дел од спорните гласачи се Албанци и бара од ДИК да се објават јавно имињата на гласачите кои СДСМ ги оспорува и да спроведат кампања во која ќе се повикаат да видат дали ги има во избирачкиот список. Заедно со ДПА остануваат на ставот дека ниту еден гласач нема да биде избришан без да се провери.
Во меѓувреме, по понеделничката средба, партиските преговори кои се одвиваа во Пржино се во мирување. Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во разговорите Никола Тодоров е во партиска посета на Брисел заедно со претседателот на партијата Груевски и се очекува разговорите да продолжат в понеделник.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG