Достапни линкови

Кумановци ќе креираат младински политики во Европа


Куманово
Куманово

Двајца млади кумановци, заедно со останатите нивни врсници од Европа и со претставниците на министерствата на 47 членки на Советот на Европа, ќе учествуваат во системот за донесување одлуки за правата на младите, за нивните потреби и приоритети.

Милош Ристовски и Матеј Маневски од невладината организација ЦИД (Центар за интеркулутрен дијалог) од Куманово се први членови, претставници од Македонија во Советодавното тело за млади при Советот на Европа. Двајцата млади кумановци со останатите нивни врсници од Европа, заедно со претставниците на министерствата на 47 членки на Советот на Европа, ќе учествуваат во системот за донесување одлуки за правата на младите, за нивните потреби и приоритети.

Овој мандат ми дава можност заедно со останатите 30-ина млади од Европа и со донесувачите на одлуки заедно да поминуваме низ сите документи и одлучуваме за сите работи поврзани со младите на европско ниво.
Милош Ристовски, Центар за интеркулутрен дијалог

„Овој мандат ми дава можност заедно со останатите 30-ина млади од Европа и со донесувачите на одлуки заедно да поминуваме низ сите документи и одлучуваме за сите работи поврзани со младите на европско ниво“, појаснува Ристовски и вели дека сите европски трендови кои се однесуваат на младите ќе може да се пренесат во Македонија откако ќе бидат запознаени со процесите кои се случуваат во сите држави во Советот на Европа и во реално време ќе можат да реагираат во државава.

„Добро е тоа што во советодавното тело за млади и заедничкиот совет за млади имаме претставници и од министерството и од невладиниот сектор од Македонија, што не е пример за секоја држава меѓу тие 30 претставници да имаме и од невладиниот сектор. Со тоа што ние имаме двајца претставници од невладиниот сектор, имаме можност да се потрудиме да ја подобриме состојбата на младите во Македонија и тие да бидат дел од процесите што се случуваат на европско ниво“, вели тој.

Двајцата претставници во двегодишниот мандат според Ристовски, ќе се потрудат да им ги доближат европските програми на младите во Македонија и да бидат исползувани, зашто досега младите не успевале во тоа. Младите не се пасивни, не се сосема и неинформирани, но проблемот е во поставеноста на институциите кои информациите не ги приспособуваат за младите да ги разберат. Постојано се зборува за подобра организираност на младите, но и постојано информациите се пишуваат како што вели Ристовски, на апликациски јазик, јазик неразбирлив за младите. Прво, младите треба да бидат прашани што ги интересира, а информациите за тоа да бидат и атрактивни.

Една деценија ЦИД реализира разни проекти во кои се вклучени бројни млади луѓе. Освен што голем дел од нив излегле од државата и се запознале со работи кои ги немаат тука, не мал дел од нив активностите во ЦИД ги гледаат и како отскочна штица да заминат надвор од државава. Да се иселат.

Ристовски вели дека излегување од државата не е во целта да не се вратат, туку да се уверат дека проблемите на младите во нашата држава не се единствени туку дека ги има и во развиените земји.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG