Достапни линкови

Коза ностра или „Нашата коза“


Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.
Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

СЈО ќе продолжи со копањето по криминалната депонија на Македонија, но прашање е кое следно чудовиште ќе го ископа. Кој следен ќе настрада во јалов обид да се прекине конецот на клопчето кој води до братучедите, кумовите, пишува политикологот Соња Стојадиновиќ, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Коза ностра на италијански не значи наша коза туку своја, поточно наша работа. Почнавме се повеќе да личиме на сицилијанските Коза Ностра или Ндрангета, само што се уште не почнале специјалните истражители да ги дигаат во воздух. Се надевам нема да почнат.

Истражувачките новинари уште пред години наназад ни ги покажаа шемите на „на ти го, дај ми го“ системот на перење пари и како тоа всушност Крпач, а можеби и останати други кои се аболирани и јавноста не ги знае, биле само транспортери на парите.

Сепак отплеткувањето на македонското клопче на кое вода може да му носи Гордиевиот јазол, почна со жртви. Коста Крпач го погребаа, а неговата смрт отвори многу црни вреќи и постави многу прашања за кои тешко дека ќе се дадат вистинските одговори. Се уште актуелниот претседател Иванов има доста одговори во својата црна вреќа од каде што ги вади генијалните идеи за помирување на македонскиот народ, но тој нема дозвола да зборува. Далечинскиот управувач за него се наоѓа во други раце.

Зошто Крпач се нашoл на списокот на аболирани? Иванов не знае, а со тоа отвора сомнеж дека списокот за аболиција го добил од некого и само требало да го потпише, без да поставува било какви прашања. Очите и устите на порталите и телевизиите на далечинско управување се свртеа кон СЈО, единствената светла точка во океанот на исфлекани институции. Но, СЈО не е тој што може да го даде одговорот, туку предметите во кои се појавува името на Крпач доаѓаат од Основното јавно обвинителство. Но, пак, некој друг им ја заврши работата на обвинителите, а тоа беа истражувачките новинари уште години наназад. Излегоа со шемите на оф-шор фирми во Белизе и разни други од Бога заборавени земји, кои се рај за криминалците, какви се накотија во Македонија. Ни ги покажаа шемите на „на ти го, дај ми го“ системот на перење пари и како тоа всушност Крпач, а можеби и останати други кои се аболирани и јавноста не ги знае, биле само транспортери на парите. Во нашиот случај, имаме колатерална штета која морала да отиде затоа што мртвите усти не говорат.

Специјалното јавно обвинителство ќе продолжи со копањето по криминалната депонија на Македонија, но прашање е кое следно чудовиште ќе го ископа. Кој следен ќе настрада во јалов обид да се прекине конецот на клопчето кој води до братучедите, кумовите, школските другари. Дали мрачната рака од подземјето повторно ќе земе некој пред тој истиот да биде сведок во истражна постапка од страна на СЈО? Законот за заштита на сведоците се достави до Собранието само неколку дена пред неговото распуштање и таму ќе седи се додека не се избере нов состав или не се пишманат па ја повлечат одлуката за неговото распуштање. Тој закон ни требаше одамна, не сега кога почнаа да убиваат поради сведочење. Не ги знаеме ниту имињата ниту бројките на тие кои мистериозно загинале од залутани куршуми или во чудни сообраќајни несреќи само затоа што се одважиле да проговорат за разните криминали.

За два дена е 9 Мај, ден на победата над фашизмот. Македонската трагедија е во два чина, едниот е страдањето на македонскиот народ од бугарскиот фашизам и победата над него, а втората е самото повторување на фашизмот, 70 години подоцна. Овие години македонскиот народ повторно води војна против фашизмот, но тој сега е од македонско производство. Си дочекавме историјата пак да ни се повторува, но во поголеми и потрагични размери. Вистинската победа над фашизмот не е физичката, со негово крваво задушување и казна за неговите поддржувачи туку победата лежи во константната борба тој фашизам да не се повтори. Во тоа не успеавме па сега пак сме на улиците. Фашизмот живее во криминалот, партизацијата, перњето пари, сиромаштијата и поделбата на „ваши“ и „наши“. Се надевам дека овој пат саглам ќе си ја научиме лекцијата.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG