Достапни линкови

Неделници ги анализираат протестите и контра-протестите


Неделниците пишуваат за протестите, политичката криза, евентуалната разрешница, секој од свој агол. Ќе победи ли разумот или ќе се удавиме во сопствената крв?, пишува Република. Фокус ги анализира контра-протестите,а Глобус за придобивките од протестите во Скопје и низ Македонија.

­Република - Ќе победи ли разумот или ќе се удавиме во сопствената крв?

При толку многу народ на улица никаде не настрада приватен имот, немаше физичко насилство кон никого, бројот на пријавени криминални дејствија – во услови на концентрација на полицијата кон протестите – не покажува зголемување.
Глобус

„Ќе победи ли разумот или ќе се удавиме во сопствената крв?‟ - загатнува во насловот трагичност воведната колумна во најновата Република. А во текстот, познатите тези за надворешниот непријател на Република Македонија, олицетворен во Сорос и „Канвас‟, и припадници на странски служби, „решени‟, како што тврди, „да одат до крај да го урнат целиот систем на државата до темел, по цена да предизвикаат ескалација на кризата, која може да доведе до крвав судир меѓу Македонците‟.

Авторот додава дека барањето на Заев за одложување на изборите на 5 јуни би можело да биде иницијална каписла за активирање на вулкан од незадоволство кај широката народна маса, која го контролирала трпението со надеж дека кризата ќе добие институционална разврска. Дали под „широка народна маса‟ авторот на воведната колумна во Република ги подразбира учесниците во партиски организираните контрапротести на ГДОМ – не објаснува.

Фокус - За Груевци се хулигани и тие што го урнаа Берлинскиот ѕид!?

„За Груевци се хулигани и тие што го урнаа Берлинскиот ѕид!?‟, се исчудува авторката на воведната колумна во Фокус, за во текстот да изјави дека еден од најабдалските проекти на груевизмот ѝ се контрапротестите. „‛Мајмун ради, што мајмун види‛, па ако протестираат граѓаните пред седиштето на ДПМНЕ, „логиката“ им е копи пејст, оди пред СДСМ, без оглед што е утната локацијата за контрасобиранката‟ - пишува Фокус. Неделникот продолжува дека она што не може да се прогнозира е само тајмингот на финишот. „Но она што денес го одбива пастирот, по извесно време ќе му изгледа како да било Божји дар. Ама предоцна‟ - тврди авторката на колумната. Па продолжува дека по истиот терк како Милошевиќ, кој отпочеток беше еден вид јунак за странците, за на крај да заврши во Шевенинген, и Груевски ќе се проколнува што не го послушал Заев кога му ги навести бомбите во кабинетот, предвидува неделникот.

Глобус - Игрите на власта најдоа свој достоен противник

„При толку многу народ на улица никаде не настрада приватен имот, немаше физичко насилство кон никого, бројот на пријавени криминални дејствија – во услови на концентрација на полицијата кон протестите – не покажува зголемување‟, пишува Глобус во текстот со малку застрашувачки наслов: „Вовед во трета улична војна‟. Глобус забележува и дека е променета структурата на протестантите со откажување на најстарата генерација од гледањето на турските серии. Умерената десница, ама и дијаспората покажаа дека нема веќе безусловно да го поддржуваат ДПМНЕ со ова раководство, забележува Глобус и наведува дека протестите што се случуваат во Скопје и во десетина други градови во земјава имаат две несомнени придобивки – ментални и амбиентални. „Менталната матрица се отргнува од кредото ’наведната глава сабја не ја сече’‟, потсетува неделникот, за да потсети и на тоа дека во протестите се приклучуваат и млади Албанки и Албанци, до вчера замолкнатите интелектуалци, студенти и нивните родители, па завршува со тоа дека овие протести се трет обид на улица да се смени кризата и да ѝ се даде продуктивна завршница. „Нема автобуси, нема медиуми, нема огромни трошоци – како во протестите 2012/13 и 2014/15 година. Интернетот и комшиското довикување се информативното средство, идеологијата е редуцирана на граѓански барања, а еланот е комплетно нов и духовит. Игрите на власта најдоа свој достоен противник‟, заклучува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG