Достапни линкови

Кампањата на Трамп – начин на заработка во Македонија


Уредникот на информатичкиот портал it.mk, Виктор Дано
Уредникот на информатичкиот портал it.mk, Виктор Дано

Не верувам дека Македонците што водат пропадандни интернет сајтови за американскиот кандидат за претседателските избори, Доналд Трамп, се платени од него. Веројатно се обидуваат да заработат од реклами пишувајќи на англиски јазик, вели уредникот на информатичкиот портал it.mk, Виктор Дано, во разговор за Радио Слободна Европа.

Колку појавата на интернет сајтови кои фаворизираат одредени кандидати на избори, во случајов Доналд Трамп, е вообичаена пракса?

Интернет нели е издавачка платформа и секој може да биде медиум и секој може да си го каже своето мислење, така што ако некој отвори блог или сајт за да поддржи некој кандидат, не мора само за американските избори, да зборува за политика или за што било, тоа е сосема легитимно и сосема често, бидејќи во моментот американската политика е една од најгледаните и најследените теми во светот, бидејќи се претпоставува дека влијае на светската политика и нормално и тука се водат дебати за се пишува за тоа.

Неколку сајтвои во сопственост на Македонци беа посочени дека го фаворизираат Трамп. Која може да е позадината?

Тие сајтови се стартувани пред два-три месеци и се баш за пропагандата на Трамп. Не знам колку се посетени и какво е нивното влијание, можеби целта е само да се прошири некоја глупава теорија на заговор на интернет и некој медиум да успее да се закачи на неа, но верувајте дека ако просурфате малку на интернет, такви сајтови ќе најдете ширум светот, кои се занимаваат со политика. Самото нивно име на сајтовите, користат клучни зборови за пребарување како - „САД“, „онлајн политика“, „претседателски избори“, сите тие сајтови се направени да привлечат внимание. Колку внимание ќе привлечат не знам, не знам ни колку се релевантни.

Дали во прашање е заработка? Дали се платени за ова и заработуваат од кликови, како што тврдена некои од сопствениците?

Не знам што рекле сопствениците, но не верувам дека се платени од Трамп, не верувам, бидејќи ако се платени за да го прават тоа, ќе го прават многу подобро и ќе го прават многу попрофесионално, како што би правеле новинарите. Постои пракса во Македонија и ширум светот да се пишува на англиски за популарни теми за да може да се генерираат приходи од Гугл реклами. И колку сајтот е поекспониран, толку повеќе ќе има кликови и толку повеќе ќе има посети, толку повеќе ќе има реклами и пари од Гугл, конкретно. Конкретно овие сајтови ги разгледав, тие користат содржина од други американски политички сајтови коишто се за Трамп. Колку пари ќе заработат, дали ќе заработат – не знам, тоа не може да се знае. Но, настрана од оваа тема со Доналд Трамп, има многу луѓе во Македонија што си водат блогови на англиски и за популарни теми и за други компании за да генерираат приходи од Гугл, затоа што се покажува во некои случаи дека тоа е исплатливо.

Можат ли овие сајтови да подлежат на некаква казна?

Ако сте во Северна Кореја, Кина или некоја друга земја да, инаку не. Секој си има право да го каже своето мислење. Вие не можете да кажете дека тој шири намерно пропаганда. Можеби навистина верува во тие приказни. Верувам дека секој што пишува за теорија на заговор е убеден во тоа дека тоа е вистината. Еве да ја земеме за пример Македонија. Во Македонија има пропаганда преку медиуми, тоа е свесно направена пропаганда. Имаме провладини и антивладини медиуми коишто се платени на некој начин од политички партии да шират пропаганда на интернет свесно, но дали тука може да ги казниме тие медиуми? Исто така дали тука може да ги казниме тие медиуми на интернет кои пишуваат за Трамп? Одговорот е дека не. Интернетот е демократска алатка, демократска издавачка платформа и секој може да го каже своето мислење. Од друга страна, ние како читатели треба да одредиме и да препознаеме што е вистинска вест, што е лажна вест, што е теорија на заговор. И тука е всушност клучот за правилно користење на интернет. Како да разберете од тој океан со информации да препознаете вредни податоци и да си го сетирате интернетот на персонализиран начин со кој ќе бидете вистински информирани, а нема да бидете прелажани и замаени.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG