Достапни линкови

Неделниците за Уставот, СЈО и Претседателот


Република се занимава со Заев и со Јанева и споредува кој лажел за тоа колку снимки доставил Заев во СЈО. Фокус го анализира однесувањето на Стевчо Јакимовски, а Глобус се осврнува на претседателот Иванов.

Република – Заев и Јанева како Пинокио

Насловната страница на најновото издание на Република донесува монтирана фотографија на Заев и на Јанева со долги носови, демек и двајцата како детскиот јунак Пинокио, кому од лажење му пораснал носот. Неделникот ја користи најновата „закачка‟ што провладините медиуми ја изнајдоа „споредувајќи‟ го бројот на аудиоснимките наведен во извештајот на СЈО и бројката што Заев ја кажал во интервјуто за Сител со Латас. Па со крупни букви е напишано и прашањето: „До кога ќе го лажат народот - Каде исчезнаа 500.000 разговори?‟ Уводникот, пак, се занимава со протестот за одбрана на Уставот на државава, па во насловот забележува дека „СДСМ и Соросовите платеници доживеале дебакл‟. Насловот гласи: „Народот го одбрани Уставниот суд‟, па оди со тезате што се врти низ провладините медиуми дека целта на СДСМ и на Соросоидите не им била да го бранат Уставот туку „насилно уривање на државата и институциите‟.

Фокус - Стевчо Јакимовски – Џокерот на Бранко, громобран на Груевски

Фокус на насловната оди со заклучок: „Стевчо Јакимовски – Џокерот на Бранко, громобран на Груевски‟, за во пошироката анализа на неговото однесување да потсети дека некогашниот член на ЛДП, а потоа член на СДСМ и човек од доверба на Црвенковски и министер во неговите влади, Јакимовски, во 2013 се сврте кон ВМРО-ДПМНЕ‟, прашувајќи зошто сега „мора толку силно да го зарива ножот во демократијата и во правната држава, да врши политичка самоегзекуција на јавна сцена, да се бербати и да се препелка во калта во која тоне Фамилијата, ако тој самиот, како што тврди, нема никаков криминал изминативе дваесет и кусур години, колку што е во политиката и во бизнисот?‟ Авторот потоа продолжува со прашањата: „Зошто се претвора во политичка преторијанска гарда на режимот, кога Мијалков, Јанкулоска, Јанакиески се во глувчешка дупка, а Груевски политички се тетерави. Дотаму ли Стевчо нема никаков излез или како политички мршојадец нешто сепак наумил?‟ – прашува Фокус, па оди со тезата дека Јакимовски можеби сака да биде „калиф наместо калифот‟ во владејачката партија.

Глобус - Нашиот претседател „лутко“

„Нашиот претседател ‛лутко‛‟ - гласи еден од насловите во најновиот Глобус, пренесувајќи ги во текстот „историските‟ одговори на Иванов за германски Билд. Во колумната Таленти, пак, авторот пишува за најголемата „марионета‟ од претседател на државата што некогаш ја имала Македонија. За да продолжи дека, „Разлутената марионета удри по државите членки на ЕУ зошто не ја сакаат Македонија, која во неговите, и во очите на неговите сајбии, е толку многу голема, силна, успешна. Никој не одговори‟ - забележува колумнистот. „Сите одамна знаат дека кукларот и марионетите бегаат од ЕУ и од европските вредности како ѓавол од крст... а кавгата со Германија, а особено плачењето дека Европа не ја сака Македонија, главно се наменети за домашни потреби‟ - заклучува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG