Достапни линкови

Патриотизам


Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија
Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија

Наместо да се занимаваме со орли и крстови на кружни текови, време е да се потчукне власта во глава и да пристапи кон решенија на проблемите со кои се соочуваме, пишува претседателот на УМС на ВМРО-Народна партија, Дино Блажевски, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Ја пишувам колумнава до последен момент со надеж дека нема луѓето да ја голтнат јадицата која води до граѓанска војна, а не соживот и единствена борба со вистинските проблеми со кои се соочуваме сите ние.

Наместо да се занимаваме со орли и крстови на кружни текови, време е да се потчукне власта во глава и да пристапи кон решенија на проблемите со кои се соочуваме.

Зошто секогаш истата приказна, зарем не ви досади пред секои избори, наместо да се концентрираме на проблемите и решенијата кои се нудат, ние да се занимаваме со истрошен национализам и тоа во време на политичка криза, во моменти кога треба да се размислува со студени глави, а не со говорот на омразата и насилството, па нели ја научивме лекцијата со насилствата во Македонија изминативе години?!

Од друга страна, го разбирам народот, гладен и изморен е доведен до момент да не бира со какви средства ќе ги решава своите егзистенцијални проблеми.

Патриотизмот не се мери со искршени глави, ниту со собрани лајкови по социјални мрежи, крстови и орли, патриотизмот тежнее кон подобрување на државата во која живееме од секој аспект и се мери само со количината на љубов и волјата за решавање на проблемите со кои се соочува, во овој случај Македонија.

Младите патриотизмот го покажаа со кревањето на својот глас, со заложбите за ремонт на образовниот систем кој ги погодува баш нив, со желбата за модерна македонска држава која заслужено ќе чекори кон европското семејство, за држава која се грижи за младите како приоритет број еден, како граѓани и жители од кои зависи токму иднината на државата.

Во текот на овој кризен период за Македонија, таквата борба на младите е засенета од страна на пржинскиот договор и од криминалните умови кои токму зад грбот на младите си ги полнеле џебовите. Ниту еднаш не се спомнати, ниту пак е спомнат еден од илјадниците проблеми со кои се соочуваат младите, невработеноста, социјалниот стандард, младинската неинформираност, младинското учество.

И покрај молкот на институциите во однос на младите во Македонија, а не опфаќајќи ги инстант проектите со кои се залажуваме веќе десет години, младите патриоти преку Националниот младински совет, младинските и организациите за млади, односно партиските подмладоци, излегоа и со свои идеи и предлози преточени во Стратегија за млади како единствен документ преку кој се реализираат проекти за млади, а кои доведуваат до младина каква ѝ прилега на една демократска држава. Но, има едно големо НО.

Но, бидејќи ова е Македонија, зошто да биде просто кога може да биде сложено, институционалниот дел односно Агенцијата за (млади) и спорт ја преформулира претходно изградената стратегија и ја усвојува во момент кога Македонија се соочува со сериозна политичка криза, без притоа да се консултира со младите. Донесена е одлука за усвојување на Стратегија за млади 2016-2025 без претходно да се направи буџет за имплементација, акционен план и методологија преку која ќе се врши контрола при имплементацијата. Згора на сè најтешки моменти се и транспарентноста, но и начинот на кој се водел тој процес.

Со ваквиот пристап кон проблемите само се доаѓа до констатација дека и оваа Стратегија, како и претходната ќе донесе нови проблеми на веќе постоечките, а сè поради безидејноста и незаинтересираноста на Власта и институциите.

Па затоа, наместо да се занимаваме со орли и крстови на кружни текови, време е да се потчукне власта во глава и да пристапи кон решенија на проблемите со кои се соочуваме. Времето си оди, преостанатиот дел од младите кои веруваат дека може да донесат промени во државата веќе ги засукаа ракавите, отворете го прозорецот на демократијата и проветрете ги институциите со чист воздух полн со млади идеи за попросперитетна и млада Македонија.

Иднината на Македонија лежи во нас, младите. Дозволете ни да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG