Достапни линкови

Македонија се дави во афери


Пресметката за Специјалното обвинителство, случајот „Титаник“, изборните прашања, аферата „Маѓар телеком, аферата „Кирии“, дел од жешките теми во медиумите.

Македонија се дави во политиката, во она што политичките партии и граѓаните сами си го зготвија. Па така, Утрински пишува дека ова е „Клучна недела за исполнување на обврските до најавената проценка на САД и на ЕУ дали условите за избори се исполнети или не‟. И Утрински и сите печатени медиуми ја објавија изјавата на евроамбасадорот Орав дека „Проценката за изборите не е готова‟. Слободен печат насловува: „Орав: Имавме договорен датум, ама излегоа многу одложувања‟.

Граѓанските организации се решителни и единствени: На 24 април може да има само нефер, нелегитимни и бојкотирани избори.
Слободен печат.

Јоханес Хан порача: „Предвремените парламентарни зависат од оценката на ОБСЕ/ОДИХР и на ДИК‟ - објави Утрински. „За МОСТ избирачкиот список е главната кочница‟ пишува Утрински. Слободен печат оди со наслов: „Граѓанските организации се решителни и единствени: На 24 април може да има само нефер, нелегитимни и бојкотирани избори‟.

Продолжува и ′пресметката′ на власта и медиумите под нејзина капа со Специјалното обвинителство и Катица Јанева. Вечер во наслов објавува: „Јанева бара сè и сешто, и што и е работа и што треба да одработи – Катица не ја спаси Шеќеринска за случајот Телеком‟; Утрински информира дека „Обвинителството ја одби Јанева за три предмети – Советот на јавни обвинители ќе одлучува кој ќе ја води истрагата за „Маѓар телеком‟ и за синот и таткото Верушевски‟. Вечер со крупни букви во насловот: „Афера ′Кирии′ - И официјално ќе се истражува како Бобо Дајнерс си издавал станови самиот на себе!‟ Утрински за истиот случај потсетува дека уште пред речиси две години скопското обвинителство донесе решение со кое се потврдува дека Јанковски не сторил кривично дело со закуп на простории.

Афери, афери и само афери во оваа држава... Дневник загатнува дека на патот Скопје - Тетово се одржала тајна среба меѓу Бучковски и Ахмети, по која Бучковски ја потврдил, а од ДУИ изјавиле дека тоа било „случајно пиење кафе‟. Дневник додава дека според сведочењето на Слободан Богоевски во американскиот суд обајцата се осомничени за поткуп во аферата „Маѓар телеком‟. Како за крај, Слободен печат оди со наслов дека „МТВ се расфрла: За емисијата на Тони Михајловски 98.000 евра годишно!?‟

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG