Достапни линкови

Грипот покоси четворица битолчани


Битола предничи од градовите во внатрешноста по број на грипозни лица. Минатата недела беа регистрирани дури 440 лица со грип.

Грипот оваа сезона покоси четворица битолчани. Од битолската болница потврдија дека починале тројца пациенти со симптоми на сезонски грип, а дека четврт пациент за кој се сомневале дека е заразен од вирусот на свински грип бил пренесен на лекување во Скопје. Деновиве според информации објавени на социјалните мрежи почина и тој. Во сите случаи се појавиле компликации, а кај дел од пациентите дури и бронхопнеумонија. Пациентите кои починаа во Битола се постари лица, но оној кој се лекуваше во Скопје беше на помлада возраст.

Доктор Данчо Балаловски, началник на Инфективното одделение при битолската болница вели дека кај хронично болните лица не ретко се случува грипот да предизвика компликации па и смрт.

„Грипот по дефиниција претставува сериозно заболување зашто се препорачува мирување, проветрување, давање на антивирусен лек. Но, во зависност од клиничката слика можна е примарна или секундарна компликација како бронхопнеумонија, кај тие пациенти кои страдаат од други заболувања не само грипот туку и други болести можат да доведат до смртен исход“, вели Балаловски.

Инаку според податоци од Институтот за јавно здравје Битола предничи од градовите во внатрешноста по број на грипозни лица. Минатата недела беа регистрирани дури 440 лица со грип, а потоа следуваа градовите Прилеп со 399, Струмица со 394 и други.

„Последните десетина дена на подрачјето на општина Битола се зголеми бројот на пациенти со клиничка слика на грип, кој се појавува секоја година. Кај пациентите што се јавени кај нас со симптоми на грип, брзиот тест за проверка најчесто е негативен, но ние како лекари практичари имајќи ги во предвид сите фактори и симптоми ги третираме како грип“, додава Балаловски.

Од битолската болница велат дека на пациентите од ризичните групи кои имаат симптоми на грип заради претпазливост и за да се избегнат компликации, им се препишува лекот тамифлу.

„Кај ризичните групи на пациенти, согласно медицина базирана на докази ние сме должни и тоа го правиме кај дечиња до три години, бремени жени, постари лица со шеќерна болест, покачен крвен притисок, срцева болест, малигни заболувања им даваме од лекот тамифлу кој го имаме во доволна количина.“

Балаловски препорачува голема хигиена на рацете. Сезонскиот грип со ист интензитет ги нападна битолчани и пред четири години кога во март имаше дури 800 заразени. Во изминатите години имаше и неколкумина битолчани кои починаа од свински грип.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG