Достапни линкови

Ниедна власт не го реновира Офицерскиот дом во Битола


За обвинување партиите први, но за реновирање на Офицерски во Битола никаде ги нема. Објектот од културен споменик сега е со оштетена фасада, испишана со недолични пароли, со влага, искршена дограма, украден паркет и грејни тела.

Како Офицерскиот дом во Битола, заштитен споменик на културата до прва категорија, стигна до моменталната очајна состојба? Објектот е со оштетена фасада, испишана со недолични пароли, со влага, искршена дограма, украден паркет и грејни тела. Објектот беше заштитен само на хартија. Откако го напушти АРМ, властите и газдите се менуваат, но ретко кој инвестираше. Деновиве политичките партии обвинувајќи се меѓусебе си ја префрлуваат вината за негрижата.

Опозицијата обвинува дека десетина години објектот се пренесува во надлежност на повеќе министерства и на општина Битола кои ветиле дека ќе го заштитат, го ставале во изборните програми, но го оставиле на забот на времето.

„Градоначалникот Талевски им вети на битолчани дека Офицерскиот дом нема да се продава, туку ќе се даде на концесионер на повеќегодишно користење. Во изминатите години овој објект од страна на власта намерно е оставен да се уништува и пропаѓа. Целта е да се обезвредни и продаде за багателна цена“, вели Васко Ковачевски, пратеник од СДСМ .

„Го споменаа во програмата 2013-2017 та обврзувајќи се дека ќе направат реконструкција на Офицерскиот дом. За целиот овој период додека на централна и локална власт беше ВМРО-ДПМНЕ баравме низ расправи во советот да бидат издвоени средства од буџетот на општината за оваа намена, да бидат побарани средства од централната власт за Офицерски дом. Но, тоа не го доживеавме. Оваа власт потроши 560 милиони евра за Скопје 2014-та, битолчани заслужуваа еден до два милиони евра за санација на овој објект“, изјави Наташа Петревска, координатор на советниците од оваа партија.

Од партијата на власт возвратија дека објектот се руинирал во времето на СДСМ, а тие го поправиле покривот.

„Општината го наследи тотално руиниран, секаде беше објавено во медиумите, немаше паркет, немаше грејни тела, олуци, покривот беше руиниран. Општината вложи пари во 2010 година, го корегира покривот. Наша цел како битолчани е да имаме достоен објект, но тој ќе треба да се одржува, ако не се одржува за објект со толкав габарит ќе биде проблем“, изјави Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ, претседател на општинскиот Совет.

Од Општина Битола обвинија дека СДСМ додека била на власт го дала домот под концесија, а кога концесионерот не ги исполнил своите обврски го вратиле Офицерскиот дом на државата во целосно руинирана состојба.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG