Достапни линкови

Заев повикува на спас за Македонија


.
.

Опозицијата допрва ќе одлучува за следните чекори, но повикува на широка платформа за враќање на демократијата. Експертите велат дека топката е кај СДСМ, откако Груевски се одлучи за најсигурната варијанта посебно кога добил одобрение од еврокомесарот Хан дека избори може да има.

Органите и телата на СДСМ и на здружената опозиција во наредните денови ќе донесат одлука и за учеството во Владата и за сите нивни следни чекори, изјави денеска лидерот на партијата Зоран Заев по вчерашниот избор на преодната влада на чело со Емил Димитриев и најавата дека нема да учествуваат на изборите на 24 април. Пратениците претходно изгласаа распуштање на Собранието на предлог на владејачката коалиција, a беше констатирана и оставката на премиерот Никола Груевски.

Заедничко здружување во една заедничка платформа за спас на Македонија. Македонија мора да ја врати слободата и демократијата.
Зоран Заев, СДСМ.

„Но, едно знам, после тоа што вчера се случи слободно можам да испратам апел, да го поттикнам, целиот демократски свет, сите демократски сили во Република Македонија, малку е здружената опозиција, ги поттикнувам сите политички партии со сите етнички предзнаци во своето постоење, ги повикувам сите интелектуалци, новинари, сите борци за слобода и демократија на заедничко здружување во една заедничка платформа за спас на Македонија. Македонија мора да ја врати слободата и демократијата“, порача Заев и повтори дека без слободни медиуми и без прочистен избирачки список не може да има фер и демократски избори во Македонија.

Според него, за прочистување на избирачкиот список остануваат само 45 дена, иако законот предвидува 85 дена.

Професор Ненад Марковиќ вели дека Груевски се одлучил за најсигурната варијанта посебно кога добил одобрение од еврокомесарот Јоханес Хан дека избори може да има и сега топката е кај СДСМ.

„Нема веќе дилема дека Хан даде зелено светло и дека другите три партии се согласуваат и оти 24 април е помалку или повеќе фиксиран. Сепак мислам дека белгискиот олеснувач Питер Ванхауте ќе проба уште еднаш да ги убеди СДСМ да земат учество на изборите. Не верувам дека допрва ќе се преговара за одложување на изборите. Можеби во некоја крајна варијанта и мислам дека ќе се оди на избори дури и без опозицијата. На СДСМ во принцип не знам дали им одговара или не меѓутоа нема друго решение освен да не излезат на избори. По нивно видување нивните барања не беа задоволени и останува да видиме дали ова ќе биде игра на нерви или ќе се оди до крај“, вели Марковиќ.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека со повторно интервенирање на меѓународната заедница ќе се најде компромис, но според него, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сметаат на тоа дека СДСМ нема да учествува на изборите по што би се продлабочила кризата во земјата.

„Тоа е нивни маневар за уште еднаш да го анатемисаат СДСМ како дестабилизатор на состојбите во Македонија, но тоа нема да им успее. Јас стварно не знам со каков ум и проекти влегуваат во оваа авантура ако навистина ги спроведат изборите на 24 април без СДСМ и другите мали партии. Тоа би значело авантура за егзистенција на Македонија“, вели Демири.

Марковиќ додава дека кризата ќе се пренесе вонинституционално доколку опозицијата дефинитивно не учествува во изборите и можеби ќе ја сменат нивната тактика на делување.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG