Достапни линкови

Стравот ги замолчува интелектуалците

Некои од страв и несигурност, некои од конформизам, некои се навикнале да бидат со наведната глава, па на прсти може да се избројат универзитетските професори и интелектуалци кои гласно ги критикуваат негативните појави во општеството и се борат за поголеми слободи и права.

Наместо интелектуалците да бидат елита на општеството и на граѓаните да им укажуваат како да дојдат до поголеми права и слободи, и наместо да ја критикуваат власта и негативните појави и со тоа да и помогнат да работи подобро, во Македонија голем дел од нив се пасивни и нивната улога не ја гледаат на тој начин, велат познавачите на состојбите.

Во секоја диктатура интелектуалците не само што не се слушаат, туку тие се газат и се потчинуваат со разни механизми коишто ги има власта на располагање.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

Професор Темелко Ристески вели дека на прсти можат да се избројат универзитетските професори и интелектуалци кои се активни на тој план. Тој посочува на неколку фактори за молчењето на поголемиот дел од интелектуалците од универзитетите или од МАНУ: нивната работа во државните институции од каде на нив се вршат директни или индиректни притисоци, а тие се плашат дека ќе го загубат работното место. Тој вели дека причина е и вршењето на силните притисоци врз деканите и раководителите на институциите доколку некој од нив реагира преку медиумите или социјалните мрежи.

„Имаме и лустрирани професори. Се вршат притисоци врз нив, еве конкретно со професор Љубомир Фрчковски, да бидат истерани од работа и во такви услови нормално интелектуалецот се плаши. Друго, се работи за еден специфичен менталитет на македонскиот човек, припадник на еден народ којшто долго време живеел под туѓинска власт, навикнат е да ја наведнува главата и да молчи. Тоа му влегува во генот на човекот и си вели дај да си молчам, кој знае што ќе ме снајде. Специфичната етно – психолошка особина на Македонецот е една од причините за молчењето на интелектуалците“, вели Ристески.

Универзитетскиот професор Мерсел Биљали коментира дека ситуацијата со молкот на интелектуалците е иста како и во сите други области во македонското општество.

„Во секоја диктатура интелектуалците не само што не се слушаат, туку тие се газат и се потчинуваат со разни механизми коишто ги има власта на располагање. Така што кај нас интелектуалното и професионалното мислење не доаѓа во предвид. Отвореното општество првенствено се поставува професионално и научно, а кај нас тоа е последно што може да се случи“, вели Биљали.

Професор Ристески додава дека интелектуалците се во состојба да ги согледуваат негативните и патолошките процеси во општеството повеќе и подобро и како такови треба да се чувствува повикани да учествуваат во елиминација на тие состојби.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

This item is part of
XS
SM
MD
LG