Достапни линкови

Младите да станат активни граѓани


Американскиот амбасадор Џес Бејли им порача на студентите од Штуловиот универзитет во Тетово дека треба да бидат активни ако сакаат нешто да се смени во општеството.

Да стекнете навика како граѓани да придонесувате самите за промени во општеството, им порача американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли на студентите од Универзитетот на Југоисточна Европа на панел дискусијата на тема „Младинскиот вакуум во избори и создавање на политики“ на која поголемиот дел од младите рекоа дека нема да гласаат на избори. Амбасадорот посочи дека, иако младите се соочуваат со недоверба, самите треба да ризикуваат и да влијаат политичкиот процес.

Мојата порака е едноставна, излезете, вклучете се. Одлучете што е најважно и најдете начин како да се вклучите, дали во политиката, дали да помагате на одреден начин.
Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија.

„Мојата порака е едноставна, излезете, вклучете се. Одлучете што е најважно и најдете начин како да се вклучите, дали во политиката, дали да помагате на одреден начин. Големо прашање тука е корупцијата на пример, а за надминување на тоа требаат многу храбри луѓе. Но, само така младите ќе можат да ја имаат иднината во свои раце. Вклучете се ако треба и во политиката ако не ви се допаѓа системот, работете во надгледувањето на изборите“, изјави Бејли.

Професорот Ветон Љатифи од Универзитетот истакна дека талентираните млади луѓе во Македонија, наместо да се борат, заминуваат од земјата и тоа треба да се смени.

„Да се смени практиката со која младите и студентите беа третирани како маса која само аплаудира до потенцијална маса која ќе може да придонесе во надминувањето на проблемите во општеството. Студентите и младите треба да ја сменат практиката и наместо оние кои само аплаудираат да бидат оние кои прават нешто. Младиот глас не е доволно слушнат, но самите тие треба да се изборат“, смета Љатифи.

Амбасадорот Бејли на студените им го посочи примерот на Томас Џеферсон, творец на декларацијата независност и носител на највисоки политички функции, кој барал да се сеќаваат на него најмногу и поради основањето на Универзитетот во Вирџинија, зашто институцијата ја гледал како место каде најмногу се гради здрава демократија.

XS
SM
MD
LG