Достапни линкови

Здравјето пред образованието


Ученици во основно училиште во Кичево.
Ученици во основно училиште во Кичево.

Основците во Кичево ја бојкотираа наставата во понеделникот, оти во училиштата се уште нема струја и тие смрзнуваат. Родителите велат дека здравјето на децата им е поважно од образованието.

Студот, блокадата на сметките и отсуството на конкретна реакција на надлежните се причините, што основците од кичевските училишта ја бојкотираа наставата првиот работен ден, неделава. Родителите револтирани што никој веќe два месеца нема слух за нивните барања, го ставија здравјето на своите деца пред образованието.

Ние како Совет на родители одлучивме дека нашите деца нема да посетуваат настава, бидејќи на прво место ни е здравјето на нашите деца.
Доминика Стамеска Алексоска, претседател на Советот на родители на основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево.

„Ние како Совет на родители одлучивме дека нашите деца нема да посетуваат настава, бидејќи на прво место ни е здравјето на нашите деца. Бараме од страна на градоначалникот на Општина Кичево, кој е и должен да ги сервисира училиштата во неговата општина, да го реши овој проблем со електричната енергија и нашите деца да не се дискриминирани во однос на сите други деца во Република Македонија и да го користат правото на образование, кое им е загарантирано со Уставот“, вели Доминика Стамеска Алексоска, претседател на Советот на родители на основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево.

Директорите на училиштата практично се во шах-мат позиција. Со блокирани сметки со години за стари долгови и блок дотации, кои не ги покриваат годишните трошоци, немаат ни што да понудат на ЕВН. Иако побараа, итно вклучување во мрежата.

„Проблемот со струјата се провлекува веќе подолг период. Ние, познато е на јавноста дека од 2012 година, сме со блокирани жиро сметки. Блокираните жиро сметки се поради неплатени долгови, за нафта, за затоплување на училишните простории“, изјави Орце Наумоски, директор на основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“.

Но, бојктот на наставата вроди со плод. Конечно реагираше градоначалникот Фатмир Дехари. На средбата со родителите им вети дека Општината ќе ги плати сметките, како што беше случај минатата година. Но, побара повторно Владата да го одобри барањето на Општината, за 200 тони нафта од државните резерви, коишто би биле доволни за оваа зимска сезона.

И кичевскиот пратеник од ВМРО –ДПМНЕ, Благоја Деспотоски ветува дека ќе се заложи во Владата да се обезбедат одредени количества нафта од државните резерви, за училиштата, но само ако, Владата одлучи да ги пренамени.

Смрзнувањето на учениците и бојктотот на наставата станува практика во Кичево, откако локалната власт е во рацете на ДУИ. Иако коалициони партнери, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ водат политики со двојни аршини на централно и локално ниво, забележуваат кичевчани, зашто очевидно е дека Дехари не добива владина поддршка, а градот во 21 век има училишта без струја и греење.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG