Достапни линкови

Преполовувањето на тимот на Јанева - главна тема во весниците


Советот на јавни обвинители го преполови тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева во ист ден кога беше постигнат договор за изборното законодавство. Преговорите се замрзнати.

„Договорот од Пржино е прекршен и затоа СДСМ се повлекува од преговорите“, информира Утрински. Вака некако гласат и насловите во сите печатени медиуми во кои се објавува изјавата на потпретседателот на партијата, Оливер Спасовски, кој објаснува дека со неизборот на комплетниот тим на Јанева е прекршен и Законот за специјалното јавно обвинителство за кој се договорија сите партии учеснички во процесот на договарање.

Договорот од Пржино е прекршен и затоа СДСМ се повлекува од преговорите.
Утрински весник.

И Утрински и другите весници го објавуваат и одговорот на ВМРО-ДПМНЕ, дека: „Повлекувањето на СДСМ е страв од соочување со народот“, како што изјави пратеникот на владејачката партија, Илија Димовски.

Сите весници го објавија соопштението по состанокот на обвинителите што ненадејно го свика Зврлевски ден пред изборот на тимот на Јанева, дека јавните обвинители биле незадоволни од формирањето специјално обвинителство, од статусот и од високите плати на предложените членови. „Обвинителството со одговор на мегаломанијата - победија условите од договорот наспроти милионските планови на Јанева“, објави Вечер, кој исто така го напаѓа СДСМ дека ги уништувала преговорите.

Дневник информира дека САД и ЕУ, како што пишува, „му издадоа наредба на Советот на обвинители да го именува тимот на Јанева за да може специјалното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи независно и без да трпи каков било облик на политички притисок“.

Вечер како да се надоврзува со насловот: „А да ја платат Американците - кога веќе работи за нив!“

Уште пред Советот на обвинители да го преполови тимот на Јанева, Нова Македонија напиша дека „Со булдожер се крчи патот за специјалниот обвинител“ појаснувајќи дека се чини дека меѓународната заедница сака смената на власта во земјава да биде извршена преку правен, а не преку политички процес.

Изборот на само седуммина од предложените 14-мина обвинители од тимот на Јанева, Слободен печат го нарекува „Скандал“, објавувајќи уште еден наслов, и тој со препознатлива асоцијација: „Тревога во ВМРО-ДПМНЕ - Катица ќе нè гони пред избори, шупрајме сега?“

Некако во сенка на овие случувања помина веста дека партиите конечно се договориле околу каменот на сопнување, гласањето на дијаспората, иако со пробиен рок. Утрински ја објавува изјавата на Ванхауте: „Постигнат е договор за изборниот законик. Една партија разочарана ги напушти преговорите поради непочитување на Законот за јавен обвинител“.

Престојот и средбите на високо ниво на лидерот на СДСМ во Израел наиде на различен третман во весниците. Утрински информира за средбите со високи личности на таа држава, а објавува и интервју со аналитичарот Сем Вакнин во кое тој вели дека Израел рутински кани лидери на опозицијата, дека Израел сега не бил задоволен од актуелната политика на власта и дека и Груевски бил таму во посета како опозиционер во 2005 година. Вечер прашува: „За што Заев отиде во Израел?“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG