Достапни линкови

И албанскиот дел од Охридското Езеро да се заштити од УНЕСКО


Охридското Езеро може да биде целосно заштитено, само ако се заштити и албанскиот дел. Неопходна е заедничка стратегија за заштита.

Заштитата на Охридското Езеро ќе биде целосна само доколку и албанскиот дел биде ставен под капата на УНЕСКО, сметаат домашни и странски експерти. Синиша Шешо, претставник на УНЕСКО, очекува дека нема да има никакви проблеми и Албанија да биде дел од оваа светска организација за заштита на културното и природното наследство.

Не можеме само да го штитиме едниот дел од езерото, а другиот да остане неконтролиран. Прво што треба да се направи е да се воспостави еден заеднички систем на заштита на Охридското Езеро. Многу е важно државите да си помагаат една на друга.
Синиша Шешо, претставник на УНЕСКО.

„Очекуваме овој проект да трае уште година и пол, а дотогаш Албанија треба да ја заврши номинацијата. Потоа треба да помине период од година и пол кога треба се да биде запишано и евалуирано. Имајќи ги предвид сите вредности на овој регион и на Охридското Езеро, се надевам дека нема да има никакви проблеми за проширување на ова подрачје. Не можеме само да го штитиме едниот дел од езерото, а другиот да остане неконтролиран. Прво што треба да се направи е да се воспостави еден заеднички систем на заштита на Охридското Езеро. Многу е важно државите да си помагаат една на друга“, рече Шешо.

Во однос на најавените градби во Охридското Езеро, Шешо рече дека тие проекти сè уште не ги имаат видено, но се надева дека македонската влада до нив ќе ги достави сите документи, по што ќе дадат свое мислење.

Дејан Паноски од Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро смета дека помеѓу Македонија и Албанија е неопходна заедничка стратегија за заштита, која понатаму би била дел од туристичката понуда на целиот регион.

„Да изградиме една прекугранична платформа заедно со македонската и албанската страна, со помош на меѓународните организации, која платформа ќе ни послужи за понатамошна заштита на Охридското Езеро. Имавме една многу добра дефиниција од претставникот на УНЕСКО, кој рече дека или ќе го заштитиме Охридското Езеро на прекуграничен начин или никако нема да го заштитиме“, рече Паноски.

Сонила Кора од Министерство за култура на Албанија рече дека нивната држава прави сè што е потребно да се заштити она што е вредно.

„Главниот проблем со кој се соочуваме во Албанија е неконтролираната градба внатре на ова заштитено подрачје. Она што е важно е дека во јуни оваа година нашата влада донесе одлука со која центарот на Подградец е заштитен од градба и сите споменици и сите градби кои се наоѓаат во центарот на Подградец се споменици заштитени од прва категорија“, изјави Кора.

На прашањето дали од УНЕСКО пристигнуваат предупредувања за одредени активности кои во моментот се преземаат во Охрид, Лидија Топузовска, генерален секретар на националната комисија на УНЕСКО, рече дека тоа не биле предупредувања.

„Тоа не се предупредувања. Ние постојано соработуваме со центарот за светско наследство и во делот на природното и културното наследство. Од наша страна секогаш навреме се доставуваат иницијативите од страна на нашата влада или институции. Секако дека и ние се соочуваме со некои проблеми во смисла кога има отстранување на препораките кои конвенцијата ги дава во насока на тоа тие да се надминат и да се коригираат“, рече Топузовска.

Во Охрид пред неколку дена се реализираше средба помеѓу централни и локални институции од Македонија и Албанија кои разговараа по однос на ова прашање.

XS
SM
MD
LG