Достапни линкови

Акции за справување со дивите депонии


Ова не е прва акција во Куманово за справување со дивите депонии, меѓутоа и досегашните завршувале без видливи резултати.

Во некои делови од Куманово , а особено во периферните населби чистење диви депонии е заеднички проект на локалната самоуправа на Куманово и на комуналното претпријатие „Чистота и зеленило.“

Поради негрижа и однесување на граѓанството се гледа што се случува и по завршените акции. Апелирам до граѓаните да се однесуваме граѓански кон зачувување на животната средина.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

За справување со овој проблем според градоначалникот Зоран Дамјановски предвидени се и ригорозни мерки за неодговорните граѓани и фирми кои сметот, разновидниот отпад и шутот го депонираат дури и на густо населени локации. Ова не е прва акција, спроведена особено во населбата „Перо Чичо“ во близина на железничката пруга во изградба, меѓутоа и досегашните завршувале без видливи резултати.

„Поради негрижа и однесување на граѓанството се гледа што се случува и по завршените акции. Апелирам до граѓаните да се однесуваме граѓански кон зачувување на животната средина. Во нареден период во две смени ќе работат комунални инспектори и ќе има законски казни, прекршочни пријави до сите прекршители за депонирање и несовесно однесување кон животната средина“, вели Дамјановски.

„За недела дена пак ќе биде исто, пругата ќе ја направат и ќе биде чисто. Запад по џеб удира, ако не ај во затвор, така треба. Советот треба да донесе решение еднаш за цел живот. Нема држава, не функционира.
Анкетиран граѓанин.

Тој додава дека во близина на реката Кумановка ќе започне и акција за чистење на речното корито, поради опасноста од можни поплави. Три километри во потечението на реките Кумановка, Липковка, Којнарка и дел од Крива река ќе бидат исчистени. За ова ќе бидат потрошени околу три милиони денари, а добиени се и 12 тони нафта од Кризниот штаб, со додаток од општинскиот буџет. Чистењето на реките во овој период е поради нискиот водостој.

„Апел до граѓаните да не се фрлаат габаритни отпади во реката, како што се разни машини, кревети и останато што не прилега да се наоѓа во речното корито.“

Дамјановски смета дека е крајно време граѓаните да се однесуваат совесно, а „Чистота“ ќе ги интензивира своите активности за чистење на депониите.

Жителите кои живеат во непосредна близина на депонијата велат дека и градежното претпријатие што работи на пругата остава отпад.

„Овие што доаѓаат за работа на пруга тие дале налог да се чисти.“

„За недела дена пак ќе биде исто, пругата ќе ја направат и ќе биде чисто. Запад по џеб удира, ако не ај во затвор, така треба. Советот треба да донесе решение еднаш за цел живот. Нема држава, не функционира. Цело лето на температура од 45 степени и плус тука ѓубрето, не можам да излезам во дворот, на улица, гости ми доаѓаат срам ми е да ги изнесам, а не за гласање ми доаѓаат тука.“

И покрај тоа што на населението му смета сметот во градот или пак депониите, многупати до сега се покажало дека и тие самите не се однесуваат одговорно. Но и некои други кои со товарни возила тука го исфрлаат шутот. И надлежните и граѓаните се согласни дека треба да бидат санкционирани сите оние кои ја загрозуваат животната средина. Вообичаено меѓутоа акции се спроведуваат, мерки се преземаат, а резултатите изостануваат.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG