Достапни линкови

Инфраструктура и мигранти - теми за Западен Балкан


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Дводневната конференција се одржува во Виена, а собирот е дел од Берлинскиот процес што минатата година го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел со цел приближување на Западен Балкан кон ЕУ.

Од минатогодишната конференција за Западен Балкан до годинашната не е реализирано ништо, освен што се направи листа за можни проекти, велат упатените. Дводневната конференција се одржува во главниот град на Австрија, Виена, а собирот е дел од Берлинскиот процес што минатата година го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел со цел приближување на Западен Балкан кон Европската унија.

Досегашното искуство со регионалната соработка од 1995 година, па наваму не е добро. Најчесто тие проекти остануваат на хартија и не се реализираат, бидејќи нема голем притисок од сите тие регионални играчи да инсистираат на тоа.
Владимир Глигоров, Виенски економски институт.

Економскиот аналитичар од Виенскиот економски институт Владимир Глигоров вели дека во фокусот на разговорите ќе бидат инфраструктурните проекти и кризата со мигрантите. Според него, соработката меѓу земјите од Западен Балкан зависи од нив самите и од притисокот од ЕУ за реализација на планираните проекти.

„Досегашното искуство со регионалната соработка од 1995 година, па наваму не е добро. Најчесто тие проекти остануваат на хартија и не се реализираат, бидејќи нема голем притисок од сите тие регионални играчи да инсистираат на тоа“, вели Глигоров.

Се наоѓаме во една многу непријатна и неповолна ситуација со општество кое е во криза, криза на системот и на демократијата. Општество кое не покажува знаци на виталност и на нејзините политичари да се променат во насока во којашто очекуваат партнерите од ЕУ.
Денко Малески, поранешен министер за надворешни работи.

Не знам што минатогодишната конференција за Западен Балкан ѝ донесе на Македонија, но знам што земјава во меѓувреме направи и што ќе однесе на годинашната конференција, вели поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески.

„Имено, се наоѓаме во една многу непријатна и неповолна ситуација со општество кое е во криза, криза на системот и на демократијата. Општество кое не покажува знаци на виталност и на нејзините политичари да се променат во насока во којашто очекуваат партнерите од ЕУ“, вели Малески.

Според него, на конференцијата сега се очекува секоја од земјите да презентира што сработила и колку политичарите со своето поведение придонеле за доближување на нивната земја кон ЕУ.

„Се разбира нашата политика ќе излезе со некои податоци за економските реформи и успеси итн. Меѓутоа фактот што сме во една сериозна политичка криза од која не можеме да излеземе, а политичарите не покажуваат баш некоја зрелост и не ветуваат дека такво нешто набрзо ќе се случи ја ставаат нашата држава повторно во една инфериорна положба“, додава Малески.

Глигоров смета дека оваа година пости сериозна амбиција да се потроши голема сума на пари за планираните проекти.

„Основен проблем, според мене, е да се тргне во реализација, а во голема мера тоа зависи од организираноста на регионот. Од минатата до оваа година практично ништо не се стори, освен листата на можни проекти што се состави. Така што, тоа многу бавно ќе оди, ако регионот нема единствен глас и не бара реализација и не искажува подготвеност во тоа да биде ефикасна“, додава Глигоров.

Виенскиот е втор по ред од петте планирани самити до 2018 година.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG