Достапни линкови

Кривична за лица во Макпетрол заради притисок врз Телма?


Се поставува прашањето зошто институциите чекале и дури сега е поднесена кривична пријава кога случајот се однесува на дејствија од 2006-2007 година.

Има сомнеж за вистинските мотиви за кривичната пријава против првиот човек на нафтената компанија Макпетрол, Андреја Јосифовски во чија сопственост е и телевизијата Телма, како и против други 20 лица, велат аналитичарите. Од МВР наведоа дека тие се осомничени за незаконско прелевање на пари од Макпетрол до фирмата Оилко. Од Макпетрол соопштија дека се изненадени од постапка, која наликува на тенденциозна хајка, базирана на паушални и неосновани обвинувања. Од фирмата се сомневаат и дека постапката е резултат на изгубен судски спор на УЈП со кој се утврди незаконско оданочување.

Се разбира првата реакција на сите кои вчера ги слушнавме овие информации беше дали ќе се повтори уште еден случај како А1 телевизија, затоа што станува збор за сопственик на телевизијата Телма.
Слаѓана Тасева, Транспаренси интернејшнал Македонија.

Претседателката на Транспаренси Интернејшнал Македонија, Слаѓана Тасева, вели дека со оглед на тоа што нема доволно информации за случајот, не може да се даде продлабочена анализа за што станува збор. Но, се поставува прашањето зошто институциите чекале и дури сега е поднесена кривична пријава кога случајот се однесува на дејствија од 2006-2007 година.

Илустрација.
Илустрација.

„Така што сето ова заедно уште повеќе ја надополнува сликата или впечатокот за правната несигурност во Република Македонија и за сè уште постоење на можност институциите да се користат во определени политички цели или за цел да се постигне одредена намера. Се разбира првата реакција на сите кои вчера ги слушнавме овие информации беше дали ќе се повтори уште еден случај како А1 телевизија, затоа што станува збор за сопственик на телевизијата Телма“, вели Тасева.

Ќе си земам слобода да речам дека живееме во едно време во кое што во многу случаи сме биле сведоци за преземени дејствија од страна на институциите, а тоа да бидат не резултат на една реална состојба, туку резултат на нешто друго, проткаено со субјективизми.
Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

Поранешниот јавен обвинител и антикорупционер Јован Трпеновски вели дека не верува оти таков криминал може да постои во една сериозна компанија како Макпетрол.

„Ќе си земам слобода да речам дека живееме во едно време во кое што во многу случаи сме биле сведоци за преземени дејствија од страна на институциите, а тоа да бидат не резултат на една реална состојба, туку резултат на нешто друго, проткаено со субјективизми. Не би сакал тоа да биде во конкретниот случај, меѓутоа не би бил изненаден ако тоа е резултат“, вели Трпеновски.

Тој додава дека врз основа на документите од фирмата треба да се утврди дали навистина состојбата е таква како во кривичната пријава или како во соопштението на фирмата. Според него, сомнително е и зошто толку долго се чекало да се отвори случајот.

„Ако имало некоја ваква крупна незаконска појава и кривично дело не морало да се чека толку голем период, затоа што тоа е работа којашто се утврдува многу полесно, бидејќи доказите коишто укажуваат за постоење на нешто незаконско се во писмена форма и тие мора да се наоѓаат во компанијата. Тоа дава едно сомнение дали може да стане збор за една реална состојба, која што е квалификувана како кривично дело“, додава Трпеновски.

Тасева вели дека е неопходно надлежните институции да бидат целосно транспарентни за случајот во јавноста за да се избегне сомнежот за нивното работење.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG