Достапни линкови

Во „Порака Наша“ се учи и шиење на машина


Преку развивање на работните вештини, стручните служби се трудат да постигнат повисок степен на осамостојување на лицата со интелектуална попреченост, а со тоа и целосно интегрирање во средината во која живеат.

Лицата со интелектуална попреченост над 18 годишна возраст кои го посетуваат Дневниот центар „Порака Наша“ во Куманово, постојано совладуваат нови знаења, а во тек е обука за шиење на машина. Претходно тие изработија и дизајнирани торби од чија продажба ќе обезбедат средства за центарот, а од „веселата градина“ за која самите се грижат конзумираат производи.

Акцентот сега е ставен на активности во Дневниот центар, не надвор од него. Освен што ја одржуваат „веселата градина“, имаме нова работилница при што нашите корисници се вклучени во сечење и шиење облека и дизајнирани ташни. Исто така во овој летен период „Порака Наша“ е дел и од проектот за општокорисна работа, што го спроведува Општината Куманово.
Фросина Симоновска, дефектолог.

Дефектологот Фросина Симоновска вели дека и во летниот период во центарот се одвиваат активности.

„Акцентот сега е ставен на активности во Дневниот центар, не надвор од него. Освен што ја одржуваат „веселата градина“, имаме нова работилница при што нашите корисници се вклучени во сечење и шиење облека и дизајнирани ташни. Исто така во овој летен период „Порака Наша“ е дел и од проектот за општокорисна работа, што го спроведува Општината Куманово.“

Дневниот центар „Порака Наша“ постојано се стреми кон совладување нови вештини, вели социјалниот работник Светлана Димитриевска.

„Преку овие работилници, преку развивање на работните вештини се трудиме да постигнеме уште повисок степен на осамостојување на нашите корисници, а со тоа и целосно вклучување, интегрирање во средината во која што живеат.“

Во овој Дневен центар освен вработените се вклучуваат и волонтери кои своите знаења им ги пренесуваат на корисниците. До крајот на годината Демир Исмаилов ќе ги обучува корисниците како да го совладаат кројачкиот занает. Тој првпат се сретнува со оваа категорија лица и вели дека е пријатно изненаден.

РСЕ: Според вашите проценки можат ли тие да почнат да шијат, да кројат?

„На почетокот им даваме некои ситни работи, на пример употреба на ножици, сечење конци. Се надевам со работата ќе одиме и понатаму, ќе можат да кројат, да прават шаблони и од ден на ден сме се посериозни во работата. За асистенти веќе имам определено луѓе, а се надевам дека некои два-тројца пројавуваат поголем интерес и тие ќе можат и да шијат, за сега со моја помош.“

Исмаилов вели дека и кога ќе заврши неговиот ангажман,тој и натаму ќе продолжи да го посетува центарот и да им помага на корисниците, кои според него го прифатиле многу искрено,отворено и пријателски.

Кога корисниците ќе потрошат дел од својата енергија во совладување знаења од кројачкиот занает или поливање и одржување на градинарските култури, како и подготвување ручек, според психологот Мартина Костовска тие имаат можност дел од времето да го поминуваат во малиот но убаво уреден двор. А дел од корисниците веќе си ги знаат своите обврски и пред ручек од „веселата градина“ тие ги собираат плодовите за подготвување салати.

„Се повеќе стануваат самостојни во тоа, додека порано им се објаснуваше што се сади, а кои производи се берат, сега веќе знаат препознаваат дека некој патлиџан или краставица е за кинење и за носење внатре. Или пак, самите препознаваат дека бавчата е за наводнување,оти гледаат дека листовите се суви, или дека не сме ја поливале два дена.“

Корисниците во Дневниот центар „Порака Наша“ ги поминуваат петте работни денови во седмица, а на прашањето како им е, сите велат многу убаво.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG