Достапни линкови

Клучен момент граѓаните да ја вратат довербата во институциите


Претставници на Парламентарното собрание на ОБСЕ денеска и утре се среќаваат со претставници на државниот врв и на најголемите политички партии во земјава.

Специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа Роберто Батели и специјалниот претставник на ПС на ОБСЕ во Виена, амбасадорот Андреас Нотеле денеска се во посета на Македонија, каде што се сретнаа со претставници на државниот врв, со делегацијата на македонското Собрание во Парламентарното собрание на ОБСЕ и со лидерите на најголемите политичките партии. Двајцата денеска се сретнаа со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и со лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети. За утре се предвидени средби со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Соговорниците се согласија дека политичката дебата треба да се одвива во Собранието бидејќи собраниската говорница е најдобар инструмент преку кој може да се изразат мислењата и ставовите.
соопштение од Кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски по средбата соопшти дека се разговарало за актуелните случувања во државата, можните исходи од моменталните политички случувања, како и за тековните активности на македонското собрание. Вељаноски изразил надеж дека наскоро Собранието ќе почне да функционира во полн состав.

„Соговорниците се согласија дека политичката дебата треба да се одвива во Собранието бидејќи собраниската говорница е најдобар инструмент преку кој може да се изразат мислењата и ставовите. Затоа опозицијата треба конструктивно да учествува во работата на Собранието“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на македонското Собрание.

Тоа е единствено можно ако во утврдениот транзициски период, на овие европски стандарди се посвети Влада во којашто нема да учествуваат Груевски и неговите соработници, кои ја создадоа длабоката политичка криза, рече претседателот Заев.
соопштение од СДСМ.

Батели истакнал дека е потребно да се имплементира договорот кој политичките партии го постигнаа со посредство на еврокомесарот Хан, особено, како што нагласил, забелешките во однос на Избирачкиот список, за да се избегнат бројни шпекулации во иднина. Потребно е, рекол, да се работи на тоа граѓаните да ја вратат довербата во институциите, а ова е клучен момент во таа насока.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, пак на средбата посочил на „принципиелните заложби на опозицијата за одделување на партијата од државата, гарантирање на владеењето на правото, на потребата од демократско функционирање на институциите“, нотирани како проблеми во извештаите на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, на Европската комисија и на други меѓународни и домашни институции и организации.

„Тоа е единствено можно ако во утврдениот транзициски период, на овие европски стандарди се посвети Влада во којашто нема да учествуваат Груевски и неговите соработници, кои ја создадоа длабоката политичка криза, рече претседателот Заев“, се наведува во соопштението од СДСМ по средбата.

Во партиското соопштение на ДУИ, пак, се наведува дека Ахмети на средбата со дипломатите од ОБСЕ ја потврдил поддршката за компромисот постигнат на 2 јуни во Скопје кој претставува добра основа за решавање на ситуацијата.

„Ахмети ги повика сите страни кои го поддржаа договорот да ги продолжат конструктивните напори кон успешна реализација бидејќи стабилноста и безбедноста на нашата земја се заедничка одговорност. Спроведувањето на договорот исто така ја враќа нашата земја во приоритетната агенда и овозможува политичките партии да ја фокусираат својата енергија кон остварување на очекувањата на граѓаните“, се наведува во соопштението од ДУИ.

Пред доаѓањето во Скопје, дипломатите од ПС на ОБСЕ ги посетија Белград и Приштина на разговори за политичката состојба во регионот. Соопштија дека целта им е да добијат информации од прва рака за регионалната соработка и градењето на институциите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG