Достапни линкови

Бурна недела - Напад во Куманово, оставки, „бомба“...


Оштетени куќи во Дива населба во Куманово после полициската акција против вооружена група.
Оштетени куќи во Дива населба во Куманово после полициската акција против вооружена група.

Полициската акција во Куманово беше во фокусот на дневниот печат. Внимание предизвикаа и оставките на Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков.

Откако Куманово во изминатиот викенд доживеа „Апокалипса во Диво насеље“, како што фотогалеријата од разурнатите куќи во овој град ја наслови Утрински, сè се одвива со речиси филмска брзина. Инаку, Утрински констатира и информира: „Македонија турната на работ - опсадна состојба во Куманово“; „Брисел бара истрага за Куманово. Бан Ки-мун побара објективна и транспарентна истрага“ - се исто така наслови во весникот.

Македонија турната на работ - опсадна состојба во Куманово. Брисел бара истрага за Куманово. Бан Ки-мун побара објективна и транспарентна истрага.
Утрински весник.

Слободен печат информира дека претседателот Иванов немал поим за полициската акција во Куманово: „А зошто мене никој ништо не ми кажува?“, гласи подбивниот наслов.

Дневник во отворен напад на странците: „Амбасадорска перцепција - Куманово го нападнаа 'вооружени групи', а 'Шарли Ебдо' терористи“ - со ваков наслов ја критикува весникот содржината на заедничката изјава на шестемина амбасадори по средбата со Груевски, што ја прочита американскиот амбасадор, Бејли.

Суперлуксузен Мерцедес од 500.000 евра за лична употреба на Груевски - вакво возило не е продадено во цела Југоисточна Европа!
Слободен печат.

Потоа нов кадар во филмот „Македонија“: „Јанкулоска и Јанакиески заминуваат од Владата; Оставка поднесе и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Мијалков“; „Груевски: Јанкулоска и Мијалков беа трн в око на криминалците“; „Чавков и Мисајловски нови министри за внатрешни и за транспорт и врски“. Ова се некои од насловите во Утрински и другите печатени медиуми.

Сите весници информираат за најавената лидерска средба в четврток на која Заев прво одби да учествува „со криминалци“, како што објави Утрински цитирајќи го, но порталот Плусинфо од свои извори дознава дека Заев сепак ќе оди на средбата зашто добил уверувања дека на неа ќе присуствуваат и амбасадорите Бејли и Орав.

Во меѓувреме, лидерот на СДСМ, Заев, ја објави 31-та бомба: „Суперлуксузен Мерцедес од 500.000 евра за лична употреба на Груевски - вакво возило не е продадено во цела Југоисточна Европа!“, наслови Слободен печат.

Како противодговор, на Јутјуб се појави наводна снимка, која беше прва вест во сите провладини медиуми, на која Заев наводно го бара веќе познатиот поткуп од 200.000 евра и за која лидерот на СДСМ порача дека „е излезена од Обвинителството, затоа што е дел од посебните истражни мерки и всушност е разговор со донатор за црквата што се гради во Струмица“, објавува Утрински дел од изјавата на Заев.

Инаку, Утрински информира дека протестниот митинг на опозицијата не се одложува и ќе се одржи в недела, на 17 мај и дека на него ќе присуствува и еден од медијаторите во меѓупартиските преговори во Брисел, социјалдемократот Ховит. Истиот весник објави дека утредента, на 18 мај, ВМРО-ДПМНЕ ќе организира контрамитинг.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG