Достапни линкови

Прислушување и кинески автопати


Најновата опозициска „бомба“ за провизии за кинеските автопати и аферата прислушување се најкоментирани теми на нашата интернет страница.

Најновата „пикантерија“ од аудио-снимките што ги објави опозицискиот лидер, Зоран Заев, а за кои премиерот тврди дека се „монтирани и креирани“ - наводните милионски разлики во сумите за „кинеските автопати“ објавени од Владата и од кинеската компанија што учествува во зделката и за наводната милионска провизија што ја зел премиерот Груевски - го испровоцирала Рики од Љубљана да ја спореди цената што од Кинезите ја добил подизведувачот, скопски Гранит, која била за два-три пати помала, па кратко напишал: „Срамота“.

Секој нормален човек, нормален политичар, што има малку совест, образ, доблест, би дал оставка и би се сокрил, ама овие гниди не се тоа.
Коментар од читател.

А, власта, како што гласи насловот на една наша информација во врска со „случаите“ од прислушуваните телефони, „навлече панцир против опозициските бомби“, па, потпишан со Латас на нашата веб-страница цинично-иронично забележува: „Запаметете дека само оваа криминална и нечовечка власт нè штити од економски колапс и од етничка војна кои ќе се случат ако дојде преодна влада! Напомена: оваа комична теза ми ја нарачаа од Влада за паричен надоместок и противуслуга“ - напишал нашиот слушател.

Сегашниве добро ја научиле лекцијата од вас, ова е ваша школа.
Коментар од читател.

Цаца, пак, коментира: „Секој нормален човек, нормален политичар, што има малку совест, образ, доблест, би дал оставка и би се сокрил, ама овие не се тоа... Цела младина им се потсмева, си игра мајтап со нив, а тие ништо...“

По информацијата од собраниската седница со пратенички прашања, на која премиерот, покрај другото наведе дека странски служби сакале дестабилизација, а Заев сакал власт, Влатко Б искоментирал: „А Никола сака ПАРИИИ...“ Анонимен кратко и јасно го напишал звукот на часовник на активирана бомба: „Тик-так, тик-так...“ и потоа ставил две точки и мала заграда свртена влево - :) - компјутерскиот знак за Смешко.

Фросина Ременски, потпретседателката на СДСМ, во неделното интервју за Радио Слободна Европа, покрај другото, тврди, дека нејзината партија наводно има докази дека има граѓани со повеќе матични броеви. Потпишан со ММ напишал: „Сегашниве добро ја научиле лекцијата од вас, ова е ваша школа“, а Цитизен од Скопје коментира: „Монтирани, па ајде некој нека го измонтира оној 36-минутен разговор на таканаречениот доктор и „купо ди тути капи“. Но, го кажува и своето мислење, Заев и Шеќеринска да се повлечат откако ќе ја завршеле својата задача. „Заев е добар локален политичар, а Шеќеринска загуби од својот кредибилитет со прославата во новиот театар каде што присуствуваше и Камчев“, напишал Цитизен.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG