Достапни линкови

Посвој дрво за почист воздух


Јане Димески, член на Гринбокс.
Јане Димески, член на Гринбокс.

Здружението Грин бокс започна акција со цел да се зголеми бројот на дрвја во Скопје, а со тоа да се намали загаденоста на воздухот. За тоа како оди акцијата и што сакаат да постигнат со неа, разговаравме со Јане Димески, член на здружението.

Господине Димески, зошто се решивте да ја спроведете акцијата дрво-старател?

Многу граѓани не сакаат да бидат само неми сведоци на она што се случува и да живеат во таа загадена атмосфера, туку бараат начин како можат и тие лично да придонесат.

Видете, има повеќе причини. Ние сме организација во која членовите доаѓаат претежно од Општина Центар и сите ние последните години бевме сведоци како ни исчезнува зеленилото од нашите маала, од пред нашите згради, како парковите се претвораат во градежни парцели, а притоа досега не видовме никаков план, ниту намера на властите, на повеќе нивоа, на некој начин да го надоместат тоа зеленило. Истовремено живееме во една од најзагадените општини во Македонија, претпоставувам и во Европа. Знаеме колку е загаден воздухот во цело Скопје, тука и Битола предничи. Тоа ни беше мотивација да видиме што ние можеме да направиме како граѓани, самите, без поддршка на властите, бидејќи и малку сме заморени од она барање на некаква разумност, барање властите да реагираат, а тие постојано го одолговлекуваат, односно не носат никаква рационална политика или мерка со која би излегле во пресрет на нашите барања. Затоа прво погледнавме со што располагаме околу нас, како можеме нешто да направиме и тука во прв план ни излегоа оние семиња коишто паѓаат од дрвјата во есен, секој костен, секој желад, секој паднат јавор практично може да израсне во дрво.

Сметате ли дека вакви акции се доволни во борбата со загадувањето или повеќе се некаков начин за будење на свеста кај граѓаните?

Macedonia - Plant pots.
Macedonia - Plant pots.

Секако дека не се доволни, тие мора да дојдат во комбинација со некаква реална политика од страна на владата и таа политика мора да биде долгорочна, долгогодишна. Нема да биде лесно, тоа на сите ни е јасно, но мора некогаш, од некаде да се почне. Од друга страна, многу граѓани не сакаат да бидат само неми сведоци на она што се случува и да живеат во таа загадена атмосфера, туку бараат начин како можат и тие лично да придонесат, некои возат велосипеди, некои одат пеш на работа, некои штедат струја, некои го прават сето ова заедно. Ние сакаме да им понудиме уште една алтернатива. Оваа наша алтернатива, садењето на дрвца и одгледувањето не е краткорочна, бидејќи за да израсне едно дрво и да биде функционално од аспект на прочистувач на воздухот треба да поминат многу години, меѓутоа сакаме да им покажеме на луѓето дека тие можат да влијаат до одредена мера за решавање на проблемите. Значи доволно се зборува за проблемите, доволно се зборува дека никој не реагира, еве начин како можеме малку од малку барем да придонесеме кон решавање на овие тешки проблеми за нас.

Каков е одѕивот на граѓаните досега за акцијата?

Имавме преку 30 дрвца за кои немаме простор каде да ги чуваме, а поентата е да се чуваат најмалку една година дома за да го надминат оној најкритичен период за нив, првото лето на растението. Ако го надмине првото лето, тогаш станува поотпорно и посилно и може самото да се бори со средината. Имавме 30-тина дрвца, меѓутоа се пријавија многу повеќе луѓе. Ова ни е гаранција дека во есен кога ќе повикаме на една заедничка акција на собирање на многу, многу повеќе семиња отколку минатата година, ќе дојдат многу повеќе луѓе, претпоставуваме стотина сигурно ќе дојдат, да ги собереме овие семиња и потоа да ги распределиме на исто толку луѓе со што акцијата ќе почне да се шири.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG