Достапни линкови

Судии со различни аршини против новинари


Дел од новинарите се жалат дека судиите честопати различно го применуваат законот за клевета и навреда во слични предмети.

Напредокот на судиите во применување на европската пракса во македонските пресуди паѓа во вода поради двојните аршини кои што се наметнуваат од политичките притисоци. Ова е констатацијата на новинарите на дебатата организирана од ЗНМ за промовирање на прирачникот за клевета и навреда. Дел од новинарите се жалат дека судиите честопати различно го применуваат законот во слични предмети.

Тоа е главниот проблем, не е начинот на избор на судии. Проблемот е во образложението на пресудите, во резонирањето, тука треба судиите да ја покажат својата независност и непристрасност.
Коста Богданов, владин агент на Македонија за застапување пред Европскиот суд за човекови права.

Младите новинари се плашат сами да пишуваат дури и за временска прогноза, за да не згрешат, па да треба да одговараат пред политичарите и судовите. Овој коментар на дописникот од Битола Менде Младеновски на дебатата што ја организираше ЗНМ за промоција на прирачникот за клевета и навреда, ја опишува моменталната состојба во македонските редакции.

Коста Богданов.
Коста Богданов.

Новинарката од „Утрински весник“ Гордана Дувњак споделувајќи го нејзиното искуство во судските лавиринти во обид да го заштити својот углед од дневен весник кој со години објавува имиња на новинари опишувајќи ги како „грчки платеници“ вели дека проблемот лежи во двојните аршини на судиите.

Напредок има, меѓутоа да стигнеме до целосна примена на Европскиот суд за човекови права, судската пракса треба да помине долг пат.
Насер Селмани, ЗНМ.

„Судијката прво го игнорираше она основно правило дека во ситуација кога има непотпишан текст, главниот и одговорен уредник е виновен и тој треба да одговара, па директорот на весникот којшто сам призна дека е автор на текстот, а судијата во пресудата кажа дека не може точно да утврди кој е автор на текстот.“

Владиниот агент на Македонија за застапување пред Европскиот суд за човекови права, Коста Богданов, вели дека по обуките на судиите има напредок во спроведувањето на европското право.

„Тоа е главниот проблем, не е начинот на избор на судии. Проблемот е во образложението на пресудите, во резонирањето, тука треба судиите да ја покажат својата независност и непристрасност.“

Но со таквата констатација не се согласуваат новинарите.

Претседателот на здружението на новинари Насер Селмани, вели дека треба да се има јасна проценка што точно се случува.

„Напредок има, меѓутоа да стигнеме до целосна примена на Европскиот суд за човекови права, судската пракса треба да помине долг пат.“

Новинарот Саше Димовски вели дека дел од пресудите кои излегоа во изминатиов период се повикуваат токму на праксата на судот во Стразбур, принципите на куче чувар во постапката се наведени и елаборирани во судските постапки и тоа е добро доколку таквите постапки сепотврдени на Апелациониот суд. Но проблемите се многу бројни, особено во делот од политички притисоци кои беа објавени во дел од објавените прислушувани разговори од опозицијата, истакнува Димовски.

„Мора да се потсетиме на политичките бомби каде што еден од новинарите се јавува директно на судијка на Апелациониот суд и бара 3-4 предмети бара да се вратат назад бидејќи има шанси да ги изгуби.“

Тој посочува на потребата да се размисли за промени во делот на казните во граѓанските постапки.

Британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Едмунд Гарет вели дека самото право на слободно изразување носи специфична одговорност и дека овој проект со кој е создаден прирачникот има цел да им помогне на новинарите да не запаѓаат во стапиците на навредата и клеветата во нивната работа.

„Ние во Британија го немаме клучот за сите проблеми, но затоа имаме долга историја на дебата, реформи и отвореност за консултации, научени лекции од нашето искуство кое можеме да го споделиме со оние кои сметаат дека тоа може да м биде од корист. Дијалогот е секогаш потребен ако сакаме квалитетен развој на едно демократско општество“, вели британскиот амбасадор.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG