Достапни линкови

СДСМ: Најдрските изборни измами


Опозицискиот СДСМ вечерва ќе презентира, како што најави, сериозни докази за изборни грабежи во Универзалната сала. За оние кои нема да може да влезат, надвор ќе бидат поставени видео-бимови.

Зголемениот интерес на граѓаните да присуствуваат на прес-конференциите на СДСМ на кои тие ги објавуваат прислушуваните телефонски разговори била една од причините зошто од партијата се одлучиле осмата таканаречена бомба да ја презентираат во Универзална сала, велат од СДСМ. Од таму не откриваат многу детали поврзани со вечерашното случување, односно другите причини за таквата одлука.

Влезот е слободен, а за оние коишто нема да може да влезат поради објективно големата заинтересираност, СДСМ обезбеди два видео-бима, разглас на влезот од Универзалната сала, на платото каде што исто така ќе може во живо да се следи настанот.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

„Со оглед на тоа што станува збор за многу сериозни докази коишто укажуваат на перманентни изборни грабежи во последните изборни циклуси во Република Македонија, токму од тие причини одлучивме да ја одбереме Универзалната сала како еден посоодветен простор каде што би можеле да бидат презентирани овие докази. Влезот е слободен, а за оние коишто нема да може да влезат поради објективно големата заинтересираност, СДСМ обезбеди два видео-бима, разглас на влезот од Универзалната сала, на платото каде што исто така ќе може во живо да се следи настанот“, вели партискиот портпарол Петре Шилегов.

Нашата замисла е на граѓаните да им го презентираме тоа што треба да го слушнат за изборните грабежи.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Тој додава и дека вечерашното случување официјално од партијата именувано како „Трибина - Вистината за Македонија: Изборен грабеж“ немало да биде класична прес-конференција како оние што ги држеа досега во партиското седиште.

„Дел од раководството ќе им се обрати на присутните граѓани заедно со презентирањето на новите докази и аргументи. Трибина можеби и не е најсоодветен збор, меѓутоа не постои друг соодветен израз за целата оваа работа, бидејќи трибината подразбира интерактивно учество на присутните што не е нашата замисла. Нашата замисла е на граѓаните да им го презентираме тоа што треба да го слушнат за изборните грабежи“, вели Шилегов.

Ова е осмо преставување на прислушуваните материјали на претставниците на власта и други јавни личности кои опозицијата тврди дека ги добила од вработени во МВР, а власта дека се од странски служби.

Она што е извесно за вечерашната презентација е дека материјалите ќе бидат поврзани со изборите или, како што најави претседателот на партијата Зоран Заев, дека ќе биле преставени најзначајните и најдрските измами за најбезобразниот грабеж на изборниот процес. Во петокот тие објавија повеќе телефонски разговори за кои Заев рече дека се доказ оти власта ги местела и ги крадела изборите.

Но, уште од почетокот на претставувањето на материјалите за кои СДСМ тврди дека се автентични, власта ги нарекува креирани со цел да ги прикажат во друго светло. Според премиерот Никола Груевски, на тој начин опозицијата сакала да се создаде слика за тоа што не е, да се компромитираат луѓе и да се прикажат дека се поинакви од тоа што се, но, како што додаде, да се заборавале нивните дела, работата и тоа што го направиле. За изборите, пак, нагласи дека биле верификувани како коректни и ефикасни од страна на сите меѓународни организации кои што ги следеле.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG