Достапни линкови

Ракометарките на Вардар амбициозно во Лигата на шампиони


Македонскиот женски ракометен првак Вардар в петок продолжува со настапите во Лигата на шампионите. Вардарки имаат амбиции да влезат најмалку во надобрите четири тима.

По двомесечна пауза, македонскиот женски ракометен првак Вардар в петок продолжува со настапите во Лигата на шампионите. На ред е втората групна фаза во која црвено - црните ќе одиграат по два меча со рускиот Динамо, германскиот Лајпциг и со словенечкиот Крим Меркатор.

Мислам дека добро се подготвивме и апсолутно дека веруваме. Значи, ние влегуваме свесни дека мора да собереме што е можно повеќе бодови за да бидеме на подобра позиција во оваа група.
Индира Кастратовиќ, тренер.

Во ова друштво се и црногорски Будуќност и германскиот Турингер против кои вардарки есеноска освоија три бода, па во моментов се четврти на табелата (Будуќност има 7, Динамо 6, Лајпциг 4, а Крим и Турингер по два бода). Тоа е последната позиција што носи виза за четвртфинале, но од клубот кој минатата сезона го освои третото место во елитното натпреварување, се очекува уште повисок пласман, за добивање полесен противник во битката за влез и во Топ 4 на Стариот континент. Во Вардар не само што не бегаат од тој императив, туку се и убедени дека имаат сили за негово исполнување, а тренерот Индира Кастратовиќ, изјавува:

„Ние секогаш имаме големи амбиции, што е нормално. Минатата година бевме во Фајнал - фор и нормално е сега да се очекува истиот резултат. Мислам дека добро се подготвивме и апсолутно дека веруваме. Значи, ние влегуваме свесни дека мора да собереме што е можно повеќе бодови за да бидеме на подобра позиција во оваа група. Сакаме во секој натпревар да освоиме по два бода и да бидеме повисоко на табелата. Јас секогаш верувам во моите девојки и мислам дека можеме со Лајпциг, со Динамо и со Крим да извлечеме доста позитивни резултати“, рече Кастратовиќ.

Мене секогаш адут ми е нашата одбрана. Ако го одиграме во одбраната тоа што го бараме и за што се договараме, ние секогаш ќе победуваме.
Индира Кастратовиќ, тренер.

За остварување на овие амбиции, на црвено – црните добредојдено ќе им биде враќањето во тимот (наредниот месец) на повредената Татјана Хмирова, а Кастратовиќ очекува голема помош и од најновото засилување, македонската репрезентативка Робертина Мечевска. Таа добро се вклопува во нашата работа, вели Индира, во чиј стручен штаб од пред две недели е и селекторот на Полска, Ким Расмусен. Тој, со новините во тренинзите, дополнително го зголеми вардаровиот квалитет, што треба да донесе позитивен резултат веќе на задутрешното (30 јануари) гостување во Лајпциг, каде што наш најголем адут треба да биде цврстата одбрана.

„Се подготвувавме и доста анализиравме и мислам дека тактиката која ја подготвуваме ќе вроди со плод и ќе излеземе како победници во Лајпциг. Нормално дека ќе биде тешко затоа што е прв натпревар во оваа година. Секогаш првите натпревари се играат во некој грч, но се надевам дека ќе го надминеме тоа и дека ќе излеземе со позитивен резултат. Мене секогаш адут ми е нашата одбрана. Ако го одиграме во одбраната тоа што го бараме и за што се договараме, ние секогаш ќе победуваме“, додаде Индира Кастратовиќ.

Инаку, во другата осминафинална група од женската ракометна Лига на шампиони, се наоѓаат европскиот и унгарски првак Ѓер (8 бодови), норвешкиот Ларвик (8), францускиот Мец (4), данскиот Виборг (3), шведскиот Савехоф (1) и романската Баија Маре (0).

XS
SM
MD
LG