Достапни линкови

Мандатите на опозицијата како турска серија


Собранието во петок треба да одржи седница да ги одземе мандатите на пратениците од опозицијата. Во СДСМ велат дека тие поднеле оставки уште пред повеќе од половина година.

Седницата за одземање на мандатите на пратениците од опозицијата требаше да се одржи уште во мај кога беа поднесени оставките, коментираат од СДСМ откако Собранието за в петок ја закажа седница со таа точка на дневен ред. Портпаролот на опозициската партија Петре Шилегов вели дека во правните лавиринти власта се заглавила сама и дека за нив таа приказна била завршена уште кога ги поднеле оставките пролетва.

Целата оваа правна рашомонијада и игранка којашто очигледно ја спроведува Вељаноски е некакво алиби. Воопшто не му е потребна нити посебна седница, нити некаква комисија, нити не знам какво гласање во Собранието. Сè што треба да направи е да ја продолжи седницата од мај и да ги констатира оставките.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

„Целата оваа правна рашомонијада и игранка којашто очигледно ја спроведува Вељаноски е некакво алиби. Воопшто не му е потребна нити посебна седница, нити некаква комисија, нити не знам какво гласање во Собранието. Сè што треба да направи е да ја продолжи седницата од мај и да ги констатира оставките“, вели Шилегов.

Инаку, претседателот на собранието Трајко Вељаноски ја прекина седницата на чиј дневен ред беше констатирањето на оставките на пратениците од опозицијата што се одржа во јуни за да се оставало простор за натамошен развој на политичкиот дијалог и на разбирањето помеѓу партиите. Но, дијалогот не успеа, па тој неколку пати излезе со давање рокови и тврдење дека ќе свика седница за одземање на мандатите, а во едно интервју како рок го посочи објавувањето на извештајот на Европската комисија во октомври.

Ако се има предвид фактот дека тие ан блок не ги прифаќаат мандатите, може однапред да се очекува каков ќе биде резултатот. Значи, можеме само да сметаме на губење време без да имаме конкретни резултати.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Ако сега в петок и се случи мандатите да бидат одземени, тогаш според изборниот законик, Државната изборна комисија го известува наредниот кандидат од листата и тој има осум дена за прифаќањето на мандатот, а потоа тоа право се пренесува на наредниот кандидат од листата. Сепак, и покрај ваквите одредби, професор Осман Кадриу вели дека се работи за специфичен случај.

„Ако се има предвид фактот дека тие ан блок не ги прифаќаат мандатите, може однапред да се очекува каков ќе биде резултатот. Значи, можеме само да сметаме на губење време без да имаме конкретни резултати“, вели Кадриу.

Изборниот законик предвидува и доколку со следните кандидати од пратеничката листа на опозицијата не се пополнат испразнетите пратенички места, тогаш да се распишат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која се избрани, во конкретниот случај од сите.

„Можеме да очекуваме дека при парцијалните избори тек тогаш да ги изгубиме во целост мандатите од опозициската политичка партија и тек тогаш ќе добиеме класичен еднопартиски парламент“, вели Кадриу.

Според него, во игра може да биде и распишување на целосни предвремени парламентарни избори, но сепак, како што додава, сè би требало да биде појасно в петок за кога очекува веднаш по седницата претседателот на Собранието да каже кога мерка ќе ја применат.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG