Достапни линкови

Ресавска школа


Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.
Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Со таканареченото екстерно тестирање во високообразовните институции, власта има две намери: легално да ги отфрли дипломите од разните факултети-гранапчиња кои самата ги отвораше во секое село, и добри бизнис зделки, пишува Соња Стојадиновиќ во саботната он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Изразот Ресавска школа незаслужено во образованието се користеше и верувам сè уште се користи за препишувачите. Оние на кои секогаш полесно им беше да фрлат поглед и препишат од соседот отколку да ја вклучат сивата маса и создадат нешто свое, па макар добиле просечна оценка. Ако за нив постоеше посебен израз, каков израз треба да создадеме за луѓето кои ги купуваат дипломите, почнувајќи од средно образование, па се до докторат? Исфрустрирани, неостварени академци?

Проверката на знаењето никогаш не треба да биде нешто кое треба да ги плаши професорите и студентите. Но, кога тоа го прават некомпетентни личности, тогаш целиот образовен циклус станува фарса и губи на своето значење.

Излегувањето студентите на масовен протест поради најавата за декапитација на високото образование со екстерното тестирање, во јавноста создаде чувство на надеж дека имаме независна и критички настроена младина со која можеме заеднички да градиме иднина. Секако дека власта не остана должна со изнаоѓање на кутри партиски војничиња кои ќе глумат студенти кои се задоволни од ситуацијата и изненадени од протестот.

Но, на оваа алармантна ситуација во образованието ново светло сврти друга вест. Ставањето под знак прашалник на дипломата на министерот за образование Абдулаќим Адеми. Поткрепено со веста дека во Албанија се затворени 16 универзитети поради неисполнување на стандардите за високошколски установи, овој сомнеж уште повеќе ги открива личните фрустрации на властодршците во поглед на образованиот кадар во државата. Со таканареченото екстерно тестирање во високообразовните институции, власта има две намери: легално да ги отфрли дипломите од разните факултети-гранапчиња кои самата ги отвораше во секое село, и добри бизнис зделки.

Да не заборавиме дека со масовното запишување на студенти се прикриваше и невработеноста со тоа што невработените ги регистрираа како студенти. Таквите студенти се закана и опасност за сегашната власт и приучените-недоучени партиски војничиња кои претендираат да бидат идните властодршци. Исто така многу плодоносни ќе бидат бизнис зделките на оние кои ќе ги вршат оценувањата, таканаречените „надворешни групи од стручни лица“ и универзитетските професори кои се погодни за власта. Да бидеме искрени: погодните ќе ги оценуваат студентите кои студирале кај непогодните.

Зошто воопшто би се полагале испити пред професорите кога на крај знаењето на студентот и оценката на професорот се нерелевантни за државата сè додека таа не одлучи за нив?

Проверката на знаењето никогаш не треба да биде нешто кое треба да ги плаши професорите и студентите. Но, кога тоа го прават некомпетентни личности, тогаш целиот образовен циклус станува фарса и губи на своето значење. Која е смислата на студирањето и стекнувањето на титули на академски граѓани, магистри и доктори на науки кога тестот на знаењето врз кое се базираат тие титули ќе го спроведуваат луѓе кои ги купиле своите дипломи или се административци кои немаат поим како е да се биде оценувач на знаење? Зошто воопшто би се полагале испити пред професорите кога на крај знаењето на студентот и оценката на професорот се нерелевантни за државата сè додека таа не одлучи за нив?

Ако навистина сакате да го подобрите образованието, земете ја праксата од Грција и начинот на кој тие го спроведуваат процесот на оценување на матурските испити. Тестовите на учениците ги прегледуваат по тројца релевантни професори од материјата која ја полагаат, а нивните тестови се праќаат (со шифри наместо со имиња) кај професори од другата страна на државата. Пример: тестовите на учениците од училиштата во Александрополи ги прегледуваат професори од Патра или тестовите на ученици од Солун ги прегледуваат професори од Атина или Крит. Системот оневозможува какво било влијание од надвор врз резултатите на учениците.

Дури ни владата на германската канцеларка Ангела Меркел не беше имуна на ваквиот образовен коров. Минатата година двајца министри од нејзината влада поднесоа оставки поради плагијат докторски дисертации. Успехот не е само да се откријат купените дипломи или плагијат дисертациите, успехот е да се биде доблесен и да се даде оставка. Очигледно дека доблеста и чесно стекнатото образование панично избегале од кај нашите властодршци.

XS
SM
MD
LG