Достапни линкови

Трка по бајат леб во Дебар


Поради немаштија, жителите на Дебар и околните села сè почесто бараат да купат бајат леб, кој е со пониска цена.

Бајатиот леб е сè побаран во општина Дебар. Во утринските часови во некои од продавниците за леб и бели пецива, како во градот, така и во селата, најчесто купувачите бараат бајат леб. Причината е во пониската цена што ја има овој леб. Во дебарските пекари велат дека повеќе од половина од произведениот леб се продава ден по неговото производство, што секако создава финансиски потешкотии на пекарите.

Најголема потрошувачка на лебот, и тоа над 60 проценти, се продава по цена од 15 денари, бидејќи тоа е бајатиот леб. Ова значи дека најголемиот дел граѓани консумираат бајат леб.
Лутфи Нуредини, претседател на здружението на пекарите во Дебар.

„Што се однесува до лебот во Дебар, слободно можам да кажам дека најголема потрошувачка на лебот, и тоа над 60 проценти, се продава по цена од 15 денари, бидејќи тоа е бајатиот леб. Ова значи дека најголемиот дел граѓани консумираат бајат леб. Ладниот леб, односно бајатиот, како што го викаме, е најбаран пред сè поради стандардот на населението во градот и селата“, вели претседателот на здружението на пекарите во Дебар, Лутфи Нуредини.

Лутфи Нуредини, претседател на здружението на пекарите во Дебар.
Лутфи Нуредини, претседател на здружението на пекарите во Дебар.

Според него, интересот за купувањето ладен леб особено е зголемен последните две години. Петте пекари во оваа општина поради оваа појава имаат големи финансиски проблеми и притоа бараат поголема поддршка од страна на државата за производителите на брашното и на лебот и белите пецива.

Цели 7 години нема поскапување, а има зголемување на трошоците за да се подготви лебот и белите пецива. Порасна цената на електричната енергија, горивата и брашното.
Лутфи Нуредини, претседател на здружението на пекарите во Дебар.

„Ние како пекари ги намаливме цените на лебот во 2007 година од 28 денари на 25 денари. Значи цели 7 години нема поскапување, а има зголемување на трошоците за да се подготви лебот и белите пецива. Порасна цената на електричната енергија, горивата и брашното“, вели тој.

РСЕ: Што треба да се стори за решавање на овој проблем?

„Јас мислам дека во Македонија треба да има поголема поддршка од страна на државата за производителите на брашното и лебот. Треба да има посилна заштитна цена и поголеми контроли. Контролите се многу битни поради тоа што има и манипулации со тежината, со цените, но и со квалитетот на брашното. Лебот се продава по 25 денари и тој треба да има 500 грама. Но во некои неодговорни пекари цената е 25 денари, но сепак тежината е помала“, вели Нуредини.

Во разговорот што го имавме со граѓани кои постојано купуваат бајат леб, бевме информирани дека станува збор за социјално загрозени лица, но и лица со ниски примања. Тие одбиваат да говорат за причините пред микрофон и додаваат дека поради немање доволно средства по обезбедувањето на бајат леб, другите пари ги користат за купување на други основни прехранбени артикли.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG