Достапни линкови

Нови ИПА фондови од ЕУ, користењето дискутабилно


Архивска фотографија: Евроамбасадорот Аиво Орав и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.
Архивска фотографија: Евроамбасадорот Аиво Орав и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.

Евроамбасадорот Аиво Орав изјави дека денешната спогодба покажува дека партнерството е силно и дека ЕУ верува оти Македонија еден ден ќе биде член на Унијата.

Новиот седумгодишен стратешки документ за планирање и спроведување на помошта што Европската унија ја доделува на Македонија е цврст доказ дека партнерството меѓу нашата земја и Европската унија е на стабилни нозе, рече вицепремиерот Фатмир Бесими на денешното официјално потпишување на финансиската спогодба со евроамбасадорот Аиво Орав.

Не би сакал сега да ги дадам бројките што ги имаме, тоа ќе го оставам за денот во јануари 2015 кога заедно ќе ги презентираме бројките за апсорпција на средствата.
Фатмир Бесими, вицепремиер за евроинтеграции.

„Во досегашниот период со ИПА 2007 до 2013 година, од 614,5 милиони евра, има потпишано финансиски спогодби за 565,9 милиони евра, додека има склучено договори во износ од 249,6 милиони евра досега и тоа се 829 договори потпишани во рамките на актуелната ИПА“, вели Бесими.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Во рамките на ИПА2, на Македонија ќе и бидат ставени вкупно 664,2 милиони евра за реализација на конкретни стратешки активности, во седум сектори избрани според приоритетност.

Политиката за проширување на Европската унија е една од најуспешните политики на Унијата и сигурен сум дека така ќе биде и натаму. Она што е важно за ИПА два е што таа е во согласност со потребите на земјата.
Аиво Орав, амбасадор на ЕУ во Македонија.

Во своето обраќање, евроамбасадорот Аиво Орав изјави дека денешната спогодба покажува дека партнерството е силно и дека Европската унија верува дека Македонија еден ден ќе биде член на Унијата.

„Ова е причината зошто ние се ангажираме во вашата земја и на ваков начин ѝ даваме помош во вакви размери. Политиката за проширување на Европската унија е една од најуспешните политики на Унијата и сигурен сум дека така ќе биде и натаму. Она што е важно за ИПА два е што таа е во согласност со потребите на земјата. Исто така транспарентноста и отчетноста на трошењето на парите ќе им помогне на граѓаните да бидат подобро информирани. Од наша страна најважно е да има добра видливост на тоа што се прави со парите и да сме сигурни дека тоа се добро потрошни средства“, рече Орав.

Вицепремиерот Бесими не сакаше да даде конкретни податоци за тоа колку од средствата од претходната програма на ИПА останале неискористени.

„Не би сакал сега да ги дадам бројките што ги имаме, тоа ќе го оставам за денот во јануари 2015 кога заедно ќе ги презентираме бројките за апсорпција на средствата“, вели Бесими.

Отворено за бројките, пак, зборува годинешниот извештај за напредокот на Европската комисија каде се посочува дека земјава до крајот на 2013 година изгубила нови 21 милиони евра од ИПА, што заедно со претходно неискористените 15,5 милиони се вкупно 36,5 милиони евра неискористени пари. Од опозицискиот СДСМ велат дека најмногу оштетени се земјоделците.

„Европската комисија практично лани донела одлука 18 милиони евра да ги земе од земјоделците и да ги префрли во прва компонента за градење капацитети и од прва компонента да склучи договор со Светска банка тие пари да одат во градење на капацитети и на инфраструктурни проекти на општините, со други зборови тие 18 милиони евра не се изгубени, ама се изгубени за земјоделците“, вели Лидија Димова од СДСМ.

Таа посочува дека секторскиот пристап во стратегијата ИПА два значи дека Владата ќе мора да создаде таканаречени среднорочни буџети, а се додека тоа не се случи сите проекти и парите ќе бидат под директна контрола на Европската комисија.

„Секторскиот приод практично ви кажува дека сè додека државата не се освести и не ги прави овие среднорочни буџети во овие сектори, парите ќе ги работи Европската комисија. Практично го става под знак прашалник сиот оној труд кој беше вложен во изминатите седум години за изградба на институциите за децентрализирано управување со парите, само за да не биде транспарентно работењето во делот на Министерството за финансии“, изјави Димова.

Дополнително кон помошта предвидена за седумте сектори, Македонија ќе продолжи да ги користи средствата наменети за регионални проекти. Денеска беше потпишана програмата за прекугранична соработка со Грција, во рамки на програмите за регионална и територијална соработка.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG