Достапни линкови

Се повредил при работа на црно, правдата ќе ја бара во Стразбур


Цветан Стојановиќ.
Цветан Стојановиќ.

Цветан Стојановиќ од кумановско Четирце пред 8 години се повредил работејќи градежни работи на црно. Откако сите судски одлуки во Македонија завршиле против него, најавува дека ќе се жали пред Меѓународниот суд на правдата во Стразбур.

Работев во Скопје, во Драчево, градежни работи навечер, на кровна конструкција на приватна куќа. Газдата ме држеше на црно, како и другите. Тој не плаќаше никакви давачки на државата. Не бев пријавен, ме удри струја од десет илјади волти. Куќата беше висока, далноводот беше оддалечен пет-шест метри. Со шипка ја поткачив, ме удри струја, паднав во полубессознание и ме однесоа во болница, каде што поминав три месеци, а тој ни до ден денешен не се јави.

Имав изгореници од трети и четврти степен на ногата, имав несоници, потекување на ногата, сега е никако. Имам болки на секоја промена на време.
Цветан Стојановиќ, работник.

Вака Цветан Стојановиќ, сега 30-годишен, од кумановското село Четирце, раскажува за својата несреќа што му се случила пред осум години. Обесштетување од сопственикот на фирмата не добил, поради што почнал правдата да ја бара по судски пат. По неколкугодишен судски спор во кој, како што вели, сè било против него, последната надеж му е Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

„Имав изгореници од трети и четврти степен на ногата, имав несоници, потекување на ногата, сега е никако. Имам болки на секоја промена на време“, додава Цветан, кој како невработен царински техничар побарал работа во градежништвото, а откако закрепнал од струјниот удар, тој со неговата сопруга, двете деца, брат му и сестра му, живеат од пензијата на татко му.

Мислевме дека тој работи во Скопје приватно. Тоа се случило на славата Свети Аранѓел и претпоставивме дека е кај сестра ми на гости. Четвртиот ден дознавме преку еден човек кој прочитал во полициски билтен, чиј татко живее во Четирце. Ниту колегите негови од Куманово, Живко и Чедо, кој, пак, има куќа во селото, не сакале да дојдат да ни кажат, ниту човекот на кого му ја граделе куќата.
Момир Стојановиќ, татко на повредениот Цветан.

Она што најповеќе го боли е односот на сопственикот на фирмата кој воопшто не се појавил изминатите осум години. Судот, пак, ги одбил сите сведоци и вештачења, судските одлуки се против Цветан, а и сите негови жалби се одбиени како неосновани.

Ниту Цветан, ниту неговото семејство не можат да разберат како е можно четири дена откако се случила несреќата неговото семејство да не биде известено.

„Мислевме дека тој работи во Скопје приватно. Тоа се случило на славата Свети Аранѓел и претпоставивме дека е кај сестра ми на гости. Четвртиот ден дознавме преку еден човек кој прочитал во полициски билтен, чиј татко живее во Четирце. Ниту колегите негови од Куманово, Живко и Чедо, кој, пак, има куќа во селото, не сакале да дојдат да ни кажат, ниту човекот на кого му ја граделе куќата“, се сеќава Момир, таткото на Цветан.

Тој додава дека потоа отишол кај Мунис, сопственикот на куќата во изградба, кој им кажал дека сопственикот на фирмата забранил да ги известат родителите.

„Додека прикривале, тој средил со сите, но и со полицијата да се смени записникот“, вели Момир.

И лекарите биле изненадени зашто семејството не се појавувало четири дена, бидејќи на Цветан му била потребна крв, пари за лекарства и останати трошоци за негово лекување.

Сопственикот на фирмата сè уште работи, а еден од неговите објекти е и во селото Четирце, што се гледа од дворот и куќата на сиромашното и беспомошно семејство Стојановиќ.

„Сè е завршено, тој имал пари, а ние немаме и ете“, резигнирано вели Момир.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG