Достапни линкови

Ќе се „отрезни“ ли Македонија - прашање е сега?


Најновиот извештај за напредокот на нашата земја ја подели експертската јавност. За едни тој е најлош досега, но други велат дека извештајот е поволен за земјава.

За едни поволен, за други, пак, најлош и најкритичен извештај досега. Најновиот извештај за напредокот на нашата земја ја подели експертската јавност.

Овој извештај пактично повикува на освестување, отрезнување и ангажирање во врска со решавање на проблемите. Не верува дека пристапот ќе се смени, но верувам дека притисокот од страна на Европската Комисија ќе биде засилен.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

Горко е чувството да се добие препораката кога таа е проследена со остри критики во клучни области за демократскиот развој на земјата, вели Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование. Оценките укажуваат на фактот дека доколу сакаме да ја задржиме препораката и следната година, мора да се направат итни чекори кон решавање на проблемите поврзани со политичкиот дијалог, медиумите, независноста на судството, спорот за името, вели тој.

„Овој извештај пактично повикува на освестување, отрезнување и ангажирање во врска со решавање на проблемите. Не верува дека пристапот ќе се смени, но верувам дека притисокот од страна на Европската Комисија ќе биде засилен“, вели Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование.

Јас воопшто не верувам дека таа препорака е условена, впрочем Европската комисија во секое време има можност преку дијалогот на високо ниво да реагира на практични проблеми што се јавуваат во нашето секојдневие.
Димитар Мирчев, универзитетски професор.

За разлика од ваквите ставови на Маричиќ, професорот Димитар Мирчев извештајот го гледа како поволен за Македонија. Со исклучок на неколку критични точки во владеењето на правото, политичкиот дијалог и борбата против корупцијата и организираниот криминал, Мирчев смета дека извештајот дава позитивна оценка на спроведените реформи.

„Јас воопшто не верувам дека таа препорака е условена, впрочем Европската комисија во секое време има можност преку дијалогот на високо ниво да реагира на практични проблеми што се јавуваат во нашето секојдневие“, вели професор Мирчев.

Она што е ново во шесттата по ред препорака, е јасното укажување на назадувањата во изминатата година, вели политичкиот аналитичар Рамадан Рамадани од Институтот за слободна мисла.

„Она што е најважно за Македонија е да видиме како сега на тој пат ние ќе издржиме. Дали сега враќањето од тој ќор-сокак ќе се случи со некое движење наназад или конечно ќе се отрезнат сите проевропски политички ориентирани сили во Македонија и да седнат и добронамерните критики да ги прифатат и да си сработат барем до идната година“, вели Рамадани.

Постојат неколку сценарија кои до следниот извештај догодина може да се остварат, посочува Маричиќ. Ако остане ситуацијата статус-кво, Македонија ќе биде ставена теснец и ќе ја загуби препораката. Доколку пак се решат крупните проблеми дома, а спорот остане нерешен, може да се очекува повторување на препораката, но без датум за преговори. Третата варијанта е да се направи напредок во спорот за името и во другите области, за да може Македонија да ги започне преговорите.

„Најпожелно е да ги започнеме преговорите, а најнепожело е да ја изгубиме препораката и да се влошат состојбите“, вели Маричиќ.

Фактот дека Македонија се наоѓа во ќор-сокак само ја потврдува опасноста од одземање на препораката следната година, вели Рамадани. Професор Мирчев, пак, вели дека нема основа за таква опасност.

„Веќе со години, шест години, тие извештаи се позитивни, се евидентира прогрес и напредок во речиси сите полиња, така што нема никаква основа да биде одземена препораката“, вели Мирчев.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG