Достапни линкови

Неделен печат - Филмски „тепачки“ и премиерски тешкотии


Сцена од македонскиот филм „До Балчак“ .
Сцена од македонскиот филм „До Балчак“ .

Фокус и Глобус се осврнуваат на скандалот на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, а Република анализира за владеењето на премиерот Груевски.

Фокус - Каде е луцидноста на режисерите денес?

За нештата да станат појасни ги објаснува авторот на уводникот во Фокус, поточно, го објаснува нашиот уникатен менталитет, како што вели, кој уште еднаш се покажа во Битола, со скандалот предизвикан од режисерот Столе Попов.

Зошто главна тема ни се Турците и комитите, наместо актуелниве „војводи“, ем „јаничари“? Дали трката по владините пари и спотови ги претвори филмските во текстилни работници?
Фокус.

Настанот го поттикнува авторот да праша каде е македонската кинематографија денес наспроти онаа пред 30 и кусур години? Зошто главна тема ни се Турците и комитите, наместо актуелниве „војводи“, ем „јаничари“? Дали трката по владините пари и спотови ги претвори филмските во текстилни работници? - продолжува Фокус, па прашува каде е луцидноста на режисерите денес да се спротивстават на ретроградното безумие што го уназади системот, наспроти оние што во 1980-тите го исмејуваа Тито и неговите наследници, алудирајќи на истиот Столе Попов со неговиот култен филм „Среќна Нова 49-та?“.

Глобус - Дивиот Запад на тепихот на дивиот Исток

И Глобус се осврнува на скандалот на филмскиот фестивал „Манаки“ насловувајќи ја анализата „Дивиот Запад на тепихот на дивиот Исток“ за да потсети дека и лани и годинава имаме сериозни кавги меѓу управата на Фестивалот и Друштвото на филмски работници и дека кавгата е само формализирана на црвениот тепих пред битолскиот Дом на културата. Откако потсетува дека всушност сите актери во кавгата се на овој или на оној начин миленичиња на власта и дека Столе Попов од државата добил рекордни 3 и кусур милиони евра за снимање на филмот, авторот претпоставува дека на премиерот Груевски веројатно нема да му се допадне ваква „тепачка“ во битолскиот салун и нормално ќе сака да посегне по мечот на Александар Велики и да го пресече јазолот направен онаму каде што треба да има вишок забава, а кусок неволи. Ама како да се направи она што треба да повреди толку нему блиски и кооперативни соработници - не без иронија прашува Глобус.

Меѓународен фестивал на филмска камера Браќа Манаки во Битола.
Меѓународен фестивал на филмска камера Браќа Манаки во Битола.

Република - Премиерски предизвици - Тешките денови никогаш не завршуваат

Најголемиот противник на премиерот, не е ниту Заев ниту Шеќеринска, туку самозадоволните локални команданти кои во име на премиерот ветуваат вработувања и тендери.
Република.

Интересна анализа објавува Република со која авторот како да му испраќа порака на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Под плаштот на насловот „Премиерски предизвици - Тешките денови никогаш не завршуваат“ авторот потсетува дека премиерот Груевски влезе во деветтата година од кога дојде на чело на извршната власт и со тоа се вброил меѓу десетината светски претседатели и премиери, вели, што повеќе од осум години добиваат мандат да водат држава. Во набројувањето на дел од заканите нема да биде анализирана опозицијата зашто таа во моментов едноставно не е тоа, и уште најмалку две-три години не може да биде закана за владејачката партија, смета авторот . Всушност, најголемата закана за владејачката партија е самата ВМРО-ДПМНЕ, односно деловите од неа што по старата добра традиција сакаат да уценуваат во нејзино име или, пак, по секоја цена инсистираат да заработат на фактот што тие се дел од партијата која владее осум години. Најголемиот противник на премиерот, нагласува авторот на анализата во Република, не е ниту Заев ниту Шеќеринска, туку самозадоволните локални команданти кои во име на премиерот ветуваат вработувања и тендери.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG