Достапни линкови

Прогласувањето на Илирида - несериозен потег


Прогласувањето на Република Илирида ќе помине без сериозни последици за државата и политичката сцена,оценуваат дел од аналитичарите.

Без сериозни последици за државата и политичката сцена ќе помине прогласувањето на Република Илирида, оценуваат дел аналитичари во врска со промовирањето на идејата на првиот претседател на ПДП Невзат Халили. Сепак процените се дека на подолг рок се зависи од актуелните политички елити и нивното справување со проблемите.

Што поодговорно се однесуваат политичките елити во институциите на Македонија, мислам дека вакви иницијативи ќе наидат на помал одѕив, што понеодговорно се однесуваат, какви било иницијативи, и од овој вид може да најдат поддршка и од граѓаните.
Алберт Муслиу, политички аналитичар

Политичарот кој е присутен на сцената во Македонија уште од раните деведесетти години, на претседателските избори пред пет години не успеа да собере потписи за да влезе во трката за шеф на државата како кандидат на ПДП. Но според аналитичарот Алберт Муслиу секоја ваква иницијатива треба да се земе сериозно, не поради луѓето што стојат зад нив туку поради односот на институциите и политичката елита што ги менаџира.

„Што поодговорно се однесуваат политичките елити во институциите на Македонија, мислам дека вакви иницијативи ќе наидат на помал одѕив, што понеодговорно се однесуваат, какви било иницијативи, и од овој вид може да најдат поддршка и од граѓаните“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Не може денеска да откриеме во некакво директно или индиректно политичко дејствување ниту во партиите, ниту кај народот , тоа сепак е еден сон на одредени политичари кои се сеќаваат на своето минато.
Алајдин Демири, политички аналитичар.

Аналитичарот Алајдин Демири, пак, е категоричен дека прогласувањето на Република Илирида било несериозен потег на, како што вели, некои романтичарско ориентирани политичари.

„Не може денеска да откриеме во некакво директно или индиректно политичко дејствување ниту во партиите, ниту кај народот , тоа сепак е еден сон на одредени политичари кои се сеќаваат на своето минато“, вели Демири.

Тој додава дека не очекува оваа иницијатива да предизвика промени и во однесувањето на најголемите партии во политичкиот блок на Албанците.

„Не, така како што функционираат овие партии, ДУИ и ДПА, немаат такви идеи затоа што тие се бирократизирани во власта и во политиката и не се занимаваат со сериозни политички идеи“, оценува Демири.

Инаку од партиите на Албанците денеска не може да се обезбеди коментар за ваквиот потег на Халили. Ова не е првпат во Македонија тој да прогласува Република Илирида. Во 2008 година во Тетово беше потпишана и декларација за формирање собрание на републиката, потег кој самиот Халили го оцени како втора етапа по референдумот за автономија од 1992 година.

Тој и тогаш ја изнесе идејата за „редефинирање на Македонија како унија или заедница на две држави со единствено име „Република Македонија Илирида“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG