Достапни линкови

По Монт Еверест и К-2, време е за Анапурна 1


Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ на врвот К-2 на Хималаите.
Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ на врвот К-2 на Хималаите.

Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ се подготвува да го освои најопасниот планински врв во светот, Анапурна 1 на Хималаите. Тој веќе се искачи на највисокиот врв Монт Еверест и на опасниот К-2.

Алпинистот Здравко Дејановиќ минатиот месец стана првиот Македонец кој се искачил на хималајскиот врв К2. Тоа е вториот врв по височина во светот (8.611 метри), но и многу потежок за освојување од Монт Еверест (8.848 метри), каде што Здравко стапна пред 4 години.

К2 е специфичен врв и заедно со Анапурна 1, тоа се единствени врвови повисоки од 8.000 метри, кои што не се искачуваат секоја година.
Здравко Дејановиќ, алпинист.

Потврда за тоа е фактот што на К2 досега се искачиле само околу 300 алпинисти (на Монт Еверест се искачиле повеќе од 4.000), кои заедно со илјадниците што имале неуспешни обиди, се соочиле со специфичната микро клима предизвикана од неколкуте околни врвови над 8.000 метри, потоа со речиси вертикалните смерови, како и со гребенот од кој постојано паѓа лавина од камења, снег и мраз. Сето ова го прави К2 еден од најопасните врвови за искачување, но и говори за големината на подвигот, за чие остварување, на Дејановиќ, му беа потребни два обида.

Анапурна во 2013-та и во 2014-та година не е искачен од ниту еден алпинист. Тоа е еден момент, што, не ме колеба, но ме прави да бидам многу повнимателен и посконцентриран.
Здравко Дејановиќ, алпинист.

„К2 е специфичен врв и заедно со Анапурна 1, тоа се единствени врвови повисоки од 8.000 метри, кои што не се искачуваат секоја година. Значи, секоја година има експедиции, меѓутоа многу од нив се неуспешни. Јас бев минатата година исто на К2. Бевме вкупно од цел свет 21 човек и никој не успеа да го искачи. Оваа година отидов со поголем оптимизам, поради тоа што лани видов што е К2. Видов кои се мои недостатоци, каде што треба да се подобри. И времето малку ни се погоди и оваа година искачувањето беше успешно“, изјави Дејановиќ.

Охрабрен од последниот подвиг, Здравко уште од сега почна подготовки за наредната година, во која има намера да освои уште три врва повисоки од 8.000 метри, меѓу кои е и најопасниот за планинарите – хималајската Анапурна 1, висока 8.091 метар (другите врвови се Амангва Парва - 8.160 метри и Лотфет - 8.512 метри). На тој врв стапнале само 170 алпинисти, а за неговата суровост говори и податокот дека Анапурна 1, стана вечен дом за над 40 отсто од оние кои се осмелиле да се искачуваат на неа. Тоа говори дека на Дејановиќ му претстои опасна мисија, во која и најмала грешка може да биде кобна. Тој е свесен за тоа, но и верува дека го има потребното искуство за исполнување на својот сон.

„Слична ситуација имаше и на К2. И таму, самата планина, самите услови за искачување не дозволуваат ни најмали грешки. Значи од таа гледна точка веќе се сметам себе си за искусен и подготвен за Анапурна. Исто така би напоменал дека Анапурна во 2013-та и во 2014-та година не е искачен од ниту еден алпинист. Тоа е еден момент, што, не ме колеба, но ме прави да бидам многу повнимателен и посконцентриран и со подготовки сега, во периодот додека отидам. Па, 2015-та година се надевам ќе имам успешни искачувања“, додаде Дејановиќ.

Тој во својата дводецениска кариера го развиори македонското знаме на повеќе од 50 планини низ светот. Од нив, како позначајни се издвојуваат оние над 5.000 метри, меѓу кои, покрај двата највисоки Монт Еверест (8.848 метри) и К2 (8.611), се наоѓаат и кинескиот врв Мустаг Ата (7.546 метри), Пик Легид во Киргистан (7.146 метри), највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва (6.960 метри, Аргентина), највисокиот врв во Европа, Елбрус (5.642 метра, Кавказ - Русија), како и Арарат во Турција (5.165 метри).

XS
SM
MD
LG