Достапни линкови

Ваши коментари - ваучери за одмор и руско ембарго


Tуристичка сезона во Охрид.
Tуристичка сезона во Охрид.

Интервјуто со претседателката на Стопанската комора за туризам, Лела Крстевска, колумната на првиот младинец на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски и трговските можности создадени по руското ембарго, најкоментирани теми на нашата интернет страница.

„Госпоѓо, не знам каде живеете, но вашата неспособност да привлечете туристи ја префрлате на македонските граѓани, дека требало да бидеме патриоти и да ги спасуваме охриѓани од нивната неспособност...“ Вака го почнува својот коментар Сашо од Прилеп по минатонеделно интервју на Радио Слободна Европа со претседателката на Стопанската комора за туризам, Лела Крстевска, која покрај другото предлага популарно наречениот К-15, кој од годинава е задолжителен во приватниот сектор, да се исплаќа во ваучери за одмор во Македонија.

Популистот Груевски очекува исплатата на К-15 да почне од приватниот сектор, инаку ќе фрчеле казни, а ни на крај памет не му е истото да го примени за огромната армија административни работници, чии плати не се покачени од 2008 и покрај ветувањата.
Коментар на читател.

Има уште неколку коментари по истото интервју кои го покажуваат вашето расположение, почитувани, кон ставовите изнесени од госпоѓа Крстевска и, воопшто, за владината одлука повторно да се воведе некогаш популарниот додаток за одмор, К-15.

За Иван од Куманово, идејата К-15 во бонови е во стил на Ѕинго и поранешна Југославија, а Незабеган напишал: „Популистот Груевски очекува исплатата на К-15 да почне од приватниот сектор, инаку ќе фрчеле казни, а ни на крај памет не му е истото да го примени за огромната армија административни работници, чии плати не се покачени од 2008 и покрај ветувањата“. Ванчо од Скопје напишал дека госпоѓата си ги навртува парите во својата бранша, па иронично завршува: „Бонови!? Навистина!? Не дај боже некој со парите да им купи на децата нешто облека и нешто за дома...“

Русија не го прекрши меѓународното право и тоа што го прави Европа е подолно и од она што го правел Хитлер.
Коментар на читател.

Пристигнале и коментари по младинската он-лајн колумна и текстот на првиот младинец на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски: Димитар од Скопје го прашува Нелоски каде била УМС на 12 август, Меѓународниот ден на младите и дека на младите „никој не треба да им кажува како живеат - доволно е да погледнат во својот паричник, да ги видат состојбите на нивниот факултет, додека во кафулето има уште едно пукање...“ Бранкица, и таа од Скопје, вели дека најлицемерно во колумната било тоа што ја пишувало „татино синче“ кое „така е станат претседател на УМС“.

Повикот од ЕУ до трети земји и до земјите кандидати за членство во Унијата да не ги користат новите трговски можности создадени по руското ембарго за увоз на производи од ЕУ, барем преку пристигнатите коментари, главно го покажува нерасположението на граѓаните за Унијата како резултат на нејзиниот однос во врска со проблемот со името. Гоце Македонски од Ресен, на пример, прашува за кои права зборуваат „овие од ЕУ откако бараат да се примени меѓународното право?! Каде е правото од пресудата за Македонија?“ И МекГован и Гоца се на истата линија: Гоца смета дека Русија не го прекршила меѓународното право и дека тоа што го правела Европа било „подолно и од она што го правел Хитлер“, а МекГован го нарекува „шупачка пртенциозност“ тоа што на ЕУ сега им биле важни „солидарноста, моралот и етиката“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG