Достапни линкови

СДСМ не се враќа во Собрание


Бидејќи ништо не се сменило од моментот кога СДСМ ги постави барањата за преговори до власта, нема никаква причина опозицијата да ја смени одлуката и да се врати во парламентот, вели Петре Шилегов.

Шпекулации се пишувањата во медиумите дека на вечерашната седница на централниот одбор ќе се разговара за почеток на преговори и евентуален договор со власта, уверуваат од Социјалдемократскиот Сојуз. Теми на седницата ќе бидат внатрешно-организациони прашања и регулирање на партискиот статус на пратеничките кои ги прифатија мандатите и влегоа во Собранието, информира партискиот портпарол Петре Шилегов.

Класични шпекулации се информациите во изминатиот период кои претежно од провладините медиуми циркулираат во јавноста за тоа дека Социјалдемократскиот Сојуз ќе ја смени својата одлука и неговите пратеници ќе влезат во Собранието во текот на септември.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

„Класични шпекулации се информациите во изминатиот период кои претежно од провладините медиуми циркулираат во јавноста за тоа дека Социјалдемократскиот Сојуз ќе ја смени својата одлука и неговите пратеници ќе влезат во Собранието во текот на септември. Ние како СДСМ многу јасно и децидно ги соопштивме петте услови коишто треба да бидат исполнети за да може да се врати во нормала политичкиот живот во Република Македонија.“

Бидејќи ништо не се сменило од моментот кога СДСМ ги постави барањата за преговори до власта, нема никаква причина опозицијата да ја смени одлуката и да се врати во парламентот, вели Шилегов. Додава дека засега нема ниту најави за нова средба меѓу Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Сигурен сум дека ако ВМРО-ДПМНЕ отстапи од некое од главните барања кои ги има или пак ги прикаже во поублажена форма, може да се најде договор. Доколку тие продолжат да стојат на своите ставови дека тие барања што ги испорачаа се тие и нема поместување од тоа, не очекувам дека ќе се случи политички дијалог.
Никола Дујоски, универзитетски професор.

„Последната средба којашто беше во клубот на пратеници на којашто не беше постигнат договор бидејќи премиерот глумеше изненаденост за прашањето за техничка влада, по тоа нема никаков контакт меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.“

Политичките експерти пак не очекуваат значителни промени на политичката сцена во блиска иднина. Професор Никола Дујоски вели дека дијалог може да се постигне но, само доколку опозицијата отстапи со некои од своите главни барања.

„Сигурен сум дека ако ВМРО-ДПМНЕ отстапи од некое од главните барања кои ги има или пак ги прикаже во поублажена форма, може да се најде договор. Доколку тие продолжат да стојат на своите ставови дека тие барања што ги испорачаа се тие и нема поместување од тоа, не очекувам дека ќе се случи политички дијалог. “

Доколку пак нема услови за постигнување договор, последиците ќе бидат лоши за земјава, предупредува Дујоски. Очекувано е дека ваквиот развој на настаните ќе биде нотиран и во есенскиот извештај на Европската Комисија за напредокот на нашата земја, вели Дујоски.

„Факт е дека во Европа и во ЕУ многу малку се парламентите кои функционираат без опозиција или ако се присетиме 20-30 години наназад речиси и да нема такво искуство во Европа, тие седнуваат и се договараат. Со ова ние покажуваме дека се уште не сме зрели и дека демократијата наместо да зрее, кај нас тапка во место.“

Во меѓувреме, не се отфрла можноста на вечерашната седница, Централниот одбор на СДСМ да ги исклучи двете нивни пратенички Љубица Буралиева и Солза Грчева кои и покрај партиската одлука за бојкот на парламентот, решија да ги прифатат мандатите и се вратија во законодавниот дом. Централниот одбор последен пат се состана на 10 мај, односно ден пред Конгресот на кој беше гласана доверба за актуелното раководство, по изборите во април.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG