Достапни линкови

Отворено првото повеќенаменско игралиште во Охрид


Градските власти велат дека ова е прво од вкупно 30 такви игралишта кои треба да бидат изградени низ целиот град.

Охрид го доби првото повеќенаменско игралиште во кое има детски забавен парк, игралиште за кошарка и други пропратни содржини. Градските власти велат дека ова е прво од вкупно 30 такви игралишта кои треба да бидат изградени низ целиот град. Напоредно ќе бидат реконструирани и постојните кои се во лоша состојба. Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека на овој начин сакаат да ги вратат младите на маалските дружења, но и да ги оттргнат од компјутерите.

Овој парк вклучува игралиште за кошарка, едно игралиште со детски реквизити и еден мини-парк. Ова е еден вид најава за проектот кој подолго време го осмислувавме во локaлната самоуправа за изградба на 30-ина вакви места.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

„Овој парк вклучува игралиште за кошарка, едно игралиште со детски реквизити и еден мини-парк. Ова е еден вид најава за проектот кој подолго време го осмислувавме во локaлната самоуправа за изградба на 30-ина вакви места“, вели Бакрачески.

Градоначалникот вели дека младите треба повеќе да се дружат и комуницираат, а токму ваквите проекти ќе го овозможат тоа. Ова е еден вид и стратегија за борба против пороците, вели Бакрачески.

Целта на отворањето на ваквите игралишта не е само за осмислување на просторот, туку целта беше децата и младите да ги вратиме на улица, на маалските игри.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

„Целта на отворањето на ваквите игралишта не е само за осмислување на просторот, туку целта беше децата и младите да ги вратиме на улица, на маалските игри и да ја збогатиме социјалната компонента и децата и младите да се дружат, комуницираат меѓу себе, да спортуваат и рекреираат. Да остваруваат нови пријателства, дружби, љубови и да го вратиме оној традиционален дух на живеење кој е карактеристичен за овие краишта. Во светот на технологијата последните години младите, па и постарите, сè повеќе седат дома пред социјалните мрежи и компјутери“, рече Бакрачески.

Што повеќе вакви игралишта низ Охрид, толку подобро за младите во градот, велат граѓани од сите возрасти.

Треба да има што повеќе вакви игралишта бидејќи на Охрид му недостасуваат. Во секое маало добро е да има.
Анкетиран граѓанин.

„Добро е да се игра и повеќе игралишта да се направат во Охрид. Му недостигаат многу вакви игралишта на нашиот град. Ако сакаме фудбал да играме треба да одиме дури до Свети Климент училиштето, бидејќи во близина немаме. Во училиштето Братство игралиште има, но нема голови, тргнати се“, вели еден помлад граѓанин.

„Супер е ова што се направи. Овде сега доаѓаат сите деца од нашето маало, но и од другите улици“, вели друг.

РСЕ: До сега каде игравте?

„Овде во тревата, но не беше убаво. Треба да има што повеќе вакви игралишта бидејќи на Охрид му недостасуваат. Во секое маало добро е да има. Сега слободното време по цел ден го користиме овде“, вели друг помлад граѓанин.

Граѓаните велат дека просторот каде што е изградено игралиштето до неодамна бил полн со трње и висока трева.

„Многу е добро ова што се направи. Убаво е, се гледа. Ништо немаше во овој дел досега. Овој простор досега беше полн со трње. Имаше гаражи, а просторот не личеше на ништо, да ти е страв да поминеш беше. Само просторот треба да се чува и одржува“, вели еден постар жител.

XS
SM
MD
LG