Достапни линкови

САД не покренуваат спасувачка мисија во Ирак


Соединетите Држави соопштија дека нема да покренат мисија за спасување на расселените луѓе од планината Синџар во северен Ирак. Се наведува дека таму имало заглавено помалку луѓе отколку што се претпоставуваше претходно. Американските воздушни напади и хуманитарна помош ќе продолжат и натаму.

Пентагон соопшти дека американски претставници кои ја посетија планината Синџар оцениле дека неколкуте илјади луѓе таму биле во релативно добра состојба. Претходно се претпоставуваше дека на планината имало расселено неколку десетици илјади ирачки Језиди и христијани кои побегнале пред џихадистите на Исламската држава.

Не веруваме дека е одржливо само постојаното помагање на оваа популација на планината. Некои од нив успеале да избегаат, но сепак сакаме да имаме опции како да ги извлечеме сите на побезбедно место.
Бен Роудс. американски заменик советник за национална безбедност.

Бен Роудс, заменик советник за национална безбедност
Бен Роудс, заменик советник за национална безбедност

Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгел рече дека американските воздушни напади придонеле за повлекување на милитаните на Исламската држава со што им се овозможило на илјадници луѓе да ја напуштат планината.

Сепак тој додаде дека и натаму продолжува воздушната мисија за доставување хуманитарна помош.

Претходно, беше соопштено дека Соединетите Држави ја разгледувале можноста за спасувачка мисија, бидејќи се верувало дека бегалците се наоѓале во очајна ситуација.

Ни треба план за да ги извлечеме овие луѓе од планината и да ги префрлиме на побезбедно место. Тие се во очајна ситуација. Секако дека ќе ја продолжиме и воената поддршка на Курдите.
Дејвид Камерон, премиер на Велика Британија.

Претседателот Барак Обама и неговите советници, како што изјави неговиот заменик советник за национална безбедност Бен Роудс, разговарале за формирање хуманитарен коридор за бегалците, блокирани на северот на Ирак.

Роудс додаде дека не било доволно само испраќање храна и вода.

„Не веруваме дека е одржливо само постојаното помагање на оваа популација на планината. Некои од нив успеале да избегаат, но сепак сакаме да имаме опции како да ги извлечеме сите на побезбедно место“, рече Роудс, кој го придружува американскиот претседател Обама во текот на неговиот одмор на островот Мартас Винјард во Масачусетс.

Соединетите Држави вчера испратија 130 воени експерти во Ирак за да ја проценат хуманитарната криза, како и можностите за извлекување на бегалците од планината Сиџар.

Роудс додаде дека секоја натамошна акција ќе биде координирана со курдските сили и со сојузниците. За потребата од спасувачка мисија се изјасни и британскиот премиер Дејвид Камерон.

„Ни треба план за да ги извлечеме овие луѓе од планината и да ги префрлиме на побезбедно место. Тие се во очајна ситуација. Секако дека ќе ја продолжиме и воената поддршка на Курдите“, рече Камерон.

Франција и Германија, кои беа против инвазијата на Ирак во 2003 година, исто така најавија дека ќе ги интензивираат нивните напори за да им се помогне на Језидите, но и на курдските борци во справувањето со џихадистите.

Илјадници припадници на ирачките верски малцинства беа принудени да бегаат откако милитантите на Исламската држава ги зазедоа нивните градови во северен Ирак.

Соединетите Држави и Велика Британија со авиони им доставуваат помош, а беа извршени и водушни напади за да се спречи напредувањето на исламистите кои од почетокот на јуни годинава досега освоија големи делови од ирачката територија, северно, западно и источно од главниот град Багдад.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG