Достапни линкови

Се запленуваат компјутери без лиценциран софтвер


Илустрација.
Илустрација.

На неколку фирми во Битола им се одземени компјутерите и се казнети поради тоа што користеле пиратски софтвер.

Деновиве се актуелни инспекциите кои проверуваат дали компаниите од Битола користат нелиценциран софтвер за потребите на своите бизниси. Казните кои им се изрекуваат се далеку од симболични.

Големи се казните, најмалку 5.000 евра. И понатаму ќе продолжиме со контролите без разлика дали се работи за фармацевтска индустрија, алкохолна и безалкохолна индустрија.
Мите Костов, претседател на Координативното тело за интелектуална сопственост.

„Кај Геодетски друштва се пронајдени неправилности во нивното работење и од страна на инспекциите се одземени компјутерите кои немаа лиценциран софтвер во делот на Мајкрософт, Макростејшн или Аутодеск. Големи се казните, најмалку 5.000 евра. И понатаму ќе продолжиме со контролите без разлика дали се работи за фармацевтска индустрија, алкохолна и безалкохолна индустрија“, изјави Мите Костов, претседател на Координативното тело за интелектуална сопственост.

Можеме да кажеме дека полека пиратеријата се намалува. Бројката која пред пет-шест години беше над 90 проценти, успеавме да го спуштиме под 50 проценти.
Мите Костов, претседател на Координативното тело за интелектуална сопственост.

Инспекторите, при влегувањето во фирмите, легалноста на софтверот ја проверуваат преку фактурите, налепниците и програмите во компјутерот. За нелегалниот софтвер, сопствениците на компаниите не плаќаат никакви давачки.

„Тие користат нечиј умствен труд. Во нивните фирми користат нелиценциран софтвер, а ги користат правата од заштита на интелектуална сопственост. Сите тие програми се заштитени, а огромни се загубите по националните економии, зашто не плаќаат данок. Без пари ги користат тие софтверски програми“, велат од инспекцијата.

Освен во Битола, велат дека контроли редовно се спроведуваат и во други градови во Македонија, па успеале да го намалат процентот на пиратерија на софтвери. Во 2012-та година пиратеријата изнесувала 60 проценти што било над европскиот просек.

„Можеме да кажеме дека полека пиратеријата се намалува. Бројката која пред пет-шест години беше над 90 проценти, успеавме да го спуштиме под 50 проценти“, додава Костов.

Од земјите во регионот нелиценциран софтвер најмногу се користи во Албанија, па во Црна Гора. Од градовите во Македонија, пак, во метрополата.

„Кај нас во Македонија најголема е застапеноста во Скопје како поголем град каде има повеќе правни субјекти“, заклучува Костов.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG