Достапни линкови

Институциите затворени за болна девојка од Куманово


Семејството Илиевски од Куманово има психички болна ќерка за која институциите препорачале да се чува дома, оти таа ги напаѓала другите пациенти во болницата каде што била сместена.

„Мојата ќерка е болна од 2001 година. Се обратив во сите институции до сега. Таа е психички болна, моментално е во душевна болница, а сите клиники тврдат дека не постои институција за неа во оваа држава. Дијагнозата е психичко растројство со тешка ретардација.“

Мојата ќерка е болна од 2001 година. Се обратив во сите институции до сега. Таа е психички болна, моментално е во душевна болница, а сите клиники тврдат дека не постои институција за неа во оваа држава.
Милутин Илиевски од Куманово.

Вака Милутин Илиевски ја започнува својата животна приказна. Тој е поранешно внатрешно раселено лице од кумановското село Опае. Веќе една година е самохран родител на неговата тешко болна 27 годишна ќерка Габриела и на малолетен син, откако неговата сопруга од тага и немоќ си го одзела животот. Милутин вели дека за ќерката прима социјален надоместок по сите основи за таа категорија заболени лица. Меѓутоа ниту тој, ниту неговиот син не можат постојано да ја надгледуваат поради обврски, а таа честопати е агресивна не само кон нив, туку и кон соседите.

Милутин Илиевски и неговиот син од Куманово.
Милутин Илиевски и неговиот син од Куманово.

Овој разочаран и беспомошен родител е вработен, а ќерка му кога е сама ја оштетува покуќнината, прескокнува и преку оградата и капијата, излегува на улица, напаѓа соседи, минувачи, а од неа се плашат, не само деца, туку и возрасни. Милутин не може да сфати дека нема установа во која би ја сместил тешко болната ќерка, особено што сите пари од социјалниот надоместок би оделе таму.

Од Демир Капија имам решение дека не може да ја сместат таму, бидејќи таму имало изнемоштени лица кои таа ќе ги напаѓа. Ми препорачаа јас да ја чувам.
Милутин Илиевски од Куманово.

„Нека ја сместат, зашто имам и син кој треба да живее во нормални услови. Од Демир Капија имам решение дека не може да ја сместат таму, бидејќи таму имало изнемоштени лица кои таа ќе ги напаѓа. Ми препорачаа јас да ја чувам.“

Иако од фирмата во која работи веќе пет месеци не добил плата, Милутин не може да добие ниту решение за скратено работно време. Тој е револтиран и од однесувањето на вработените во Центарот за социјални работи во Куманово.

„Едноставно се мајтапат со мене. Ми викаат „ајде излегувај надвор, секој ден си тука.“ Апсолутно не сакаат ниту да разговараат со мене. Јас навистина не знам што да правам и каде да се обратам.“

Овој несреќен татко вели дека извесен период ќерката ја носи во Скопје во дневен центар, но тоа му се дополнителни издатоци кои само со социјалниот надоместок не може да ги покрива. Тој потпишал и дека за се што ќерка му ќе направи одговорноста е негова, а болната девојка може сериозно да наштети на било кој.

„Појдете во драгстори или било кој минувач ќе ви каже. Оди во продавница, ќе ја турне продавачката, ќе си земе што сака и често пати полиција ми доаѓа пред врата. “

Ќерката на Милутин со нож избола сосетка, неколку од нив ги турнала, а кога еднаш заталкала на гробиштата, полицијата на таткото му удрила шлаканица зашто тој не ја спречил да избега.

Соседите раскажуваат дека овој човек навистина има големи маки со кои никако не може да се справи. А тие не можат да му помогнат.

„Доаѓаше вообичаено во утрински часови кога нема никој и напаѓа. Зема производи, не плаќа, ме има физички нападнато и мене и муштериите. Се плашат сите и таа навистина треба трајно да се смести во некоја установа“, вели сосетката Лидија Спирковска.

Од Центарот за социјални работи за кој Милутин смета дека треба да му помогне, велат дека реализирале се што е во рамките на нивната надлежност, меѓутоа тие не се надлежни за нејзино сместување во соодветна установа каде што девојката би била згрижена.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG